ЈСП воведува бесплатен превоз до Средно Водно и Македонско село


Автобуската линија број 28 која вози од Транспортен Центар до Нерези/Македонско село ќе биде бесплатна за време на викенди во сабота и недела и во денови на државен празник. Оваа одлука е донесена од Советот на Град Скопје со цел промовирање на градските историско-културни знаменитости.

„Истовремено, донесена е одлука автобуските линии со број 25А (Автомакедонија – Средно Водно) и број 25Б (Дом на печат – Средно Водно) да станат дел од редовниот линиски превоз, покрај линијата 25 (Транспортен центар-Средно Водно) која веќе извесен период е редовна автобуска линија. Во изминатиов период 25А и 25Б функционираа како пробни линии. Превозот на посочените линии како и досега ќе биде бесплатен за време на викенд (сабота и недела) и државен празник. Одлуките стануваат важечки од претстојниов викенд“, соопштуваат од ЈСП.

Потребата за воведување на бесплатен превоз на претходно посочените линии е инициран од Град Скопје, по предлог на голем број на граѓани, пред се од еколошки аспект и ставање во контролирано и регулирано движење до Средно Водно и подрачјето на Нерези (Македонско село).

„Сметаме дека посочените поволности за бесплатен превоз ќе ги поттикнат граѓаните да ги остават своите возила и да го користат јавниот автобуски превоз за време на викенди (сабота и недела) и државни празници, а со тоа ќе се придонесе за зачувување на природните убавини кои ги има планината Водно и подрачјето на Нерези. Оваа Одлука пред се има за цел заштита на природните убавини, поголем и почист простор за одмор, спорт и рекреација“, се вели во соопштението.

Возниот ред на линиите може да се види на веб страната на претпријатието www.jsp.com.mk.