Јосифовски: Не ја повлеков кандидатурата за лидер на НСДП


Не е точно дека сум ја повлекол мојата кандидатура за претседател на НСДП, тврди поранешниот пратеник Љубомир Јосифовски, по информациите дека Тито Петковски ќе биде единствен кандидат на партискиот конгрес на 13 мај.

Според Јосифовски, досегашниот и, како што наведува, иден лидер на партијата Тито Петковски ја злоупотребил својата позиција. Денешната седница на Централниот одбор, вели Јосифовски, поминала тензично. Тој се побунил откако членовите донеле одлука Петковски да биде единствен кандидат на конгресот. Петковски, вели тој, со притисок врз членовите издејствувал да донесат одлука која е спротивна на статутот на партијата.

-Согласно статутот на НСДП секој член има право да бира и да биде избран. Јас поднесав кандидатура пред еден месец и истата беше поздравена од Тито Петковски и од органите на партијата. Кога се соочи со реалноста дека не може да биде избран одлучи да направи радикален чекор и денеска да ги изманипулира членовите на Централниот одбор, вели Јосифовски.
Тој додава дека Петковски ја злоупотребил својата позиција така што на Централниот одбор му ставил одлука за гласање во која само тој се предлага сам себе за единствен кандидат. Својот чекор го објаснил велејќи дека бил предложен од сите општински организации.