Јоргос Какликис: Имаме сега една генерација, што се прашува зошто им велиме дека не се Македонци
Умерен оптимизам за постигнување решение на името изразува поранешниот грчки амбасадор во Македонија, Јоргос Какликис. Во разговор за CNN.GR, се потсетува на периодот кога бил амбасадор во Македонија и моментот кога во 2001 двете земји биле на чекор до решение откако грчката влада покренала иницијатива за разговори во Скопје.
– Додека политичкиот свет во големо мнозинство прифати едно од трите имиња што ги предложи Грција, со нивна словенска формулација и за надвор и за внатре, на крај, тогашниот претседател државата во Скопје, плашејќи се дека нема да бидат задоволени желбите на неговиот народ, одби да продолжи. Ако ме прашувате сега дали сум оптимист, би ви рекол дека сум умерен оптимист, раскажува поранешниот грчки амбасадор во Македонија, додека, пак новинарката вели дека тогаш, ставовите биле наклонети кон предлогот „Горна Македонија“, без превод, „име за кое се разговара и сега“.
Новинарката додава дека Какликис не заборава колку се смениле работите, од доаѓањето на власт на поранешниот премиер Никола Груевски кој, како што вели новинарката, „вложил секакви напори за да им вкорени на децата, кои растеа во тој период, дека се потомци на Александар Велики“.
– Имаме сега една генерација, што се прашува зошто им велиме дека не се Македонци. Тој е делот кој грчката страна треба да ги убеди, не да ги притисне, туку да ги убеди, со логични аргументи, да успее во овој мал временски период што преостанува, до конечниот договор меѓу двете земји, да ја убеди барем власта на другата страна и таа да започне со преземања иницијативи пред нејзината јавноста за да покаже дека поголем е интересот на земјата и на граѓаните да биде во добри односи со Грција и да не се базира на историски неточни верувања, отколку да продолжи со оваа тактика што нема да ги одведе никаде, коментира Какликис во интервјуто.