Јовиќ: Крајот на 2017-та да го прославиме со победа заедно со нашата публика


Ракометарите на Металург утре ќе го одиграат последниот натпревар пред својата публика 2017 година.

Тимот од Автокоманда во рамките од 11. коло на регионалната СЕХА лига, ја пречекува екипата на Динамо од Панчево, тим кој е зад македонскиот вицепрвак на осмото место на табелата со два бода помалку.

Динамо е едена од трите екипи кои Металург успеа да ги победи во единаесетте натпревари одиграни досега во СЕХА конкуренцијата, па затоа тимот од Автокоманда овојпат ќе ја има улогата на фаворит, за која тренерот Александар Јовиќ смета дека е дополнителен товар за неговите избраници.

– Не очекува тежок натпревар со Динамо Панчево. Но, кога и да сме фаворити на некоја средба играме многу тешко, додека, пак, кога играме со поквалитетни екипи играме добро само 45 минути, а потоа имаме голем пад. Натпреварот против Динамо Панчево можеме да го добиеме само со дисциплинирана одбрана и брза транзиција во напад. Ќе треба да постигнуваме лесни голови во контра, во нападот да имаме дисциплина и да се знае што играме од првата до последната минута. Се надевам дека крајот на 2017 година ќе ја прославиме со победа, заедно со нашата публика, изјави тренерот на Металург, Александар Јовиќ на денешната прес-конференција.

Според Александар Гуглета не смееме да се опуштиме, без разлика што победивме во Панчево.

– Викендов и тие играа дерби натпревар со Војводина и победија. Не смееме да дозволиме големи падови во играта. Се надевам дека ќе играме дисциплинирано, исто како што одредено време игравме против Вардар и дека ќе славиме победа. Сакам да ги повикам сите навивачи да дојдат во салата и да помогнат, бидејќи натпреварот е од хуманитарен карактер, рече Гуглета.

Утрешната средба меѓу Металург и Динамо ќе се игра во СЦ „Борис Трајковски“ во терминот од 16:15 часот.

Ден подоцна шампионот Вардар гостува во Словенија, кај Горење Велење, во меч во кој црвено-црните важат за апсолутни фаворити, односно ќе се обидат да го задржат максималниот ефект во оваа конкуренција.