Јовески: Не е почната истрага за девојчето оти не е познат сторителот


Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески денеска во Парламентот, во врска со случајот со сексуалното злоставување на 13-годишното девојче од Домот „25 Мај“ изјави дека ОЈО Велес води постапка против конкретен сторител, додека во скопското обвинителство има поднесено само службени белешки. Ова обвинителство, според него, не може да постапува доколку не е познат идентитетот на сторителот.

– Обвинителството не може да покрене обвинение против Н.Н. лице и обвинителството врз основа на овие службени известувања побарало одредени податоци од МВР за утврдување на идентитетот за сторителот на кривичното дело. Кога ќе го имаме идентитетот на сторителот на кривичното дело ќе отвориме и истрага, истакна Јовески одговарајќи на прашање на пратеничката Ивана Туфегчиќ.

Потврди дека во ОЈО Скопје во септември лани била поднесена кривична пријава против Домот и тамошни вработени од страна на родителите на детето и кажа дека ОЈО Скопје донела решение што уште не е правосилно.

Јовески вели дека нема други случаи „во фиоките“ на обвинителите, а доколку има за нив ќе има соодветни постапки.