Јелена Јованова со „Злогоње“ на „Сараево филм фестивал“


Српскиот детски филм „Злогоње“ („Вештерки“), во кој една од главните улоги игра македонската актерка Јелена Јованова, ќе биде прикажан во детската програма на претстојниот „Сараевски филмски фестивал“, кој се отвора на 10 август. Станува збор за авантуристички филм за деца, заснован на мотивите на книгата „За копчето и среќата“ на Јасминка Петровиќ. Како што наведуваат продуцентите, „Злогоње“ е приказна за Јован, дете на 10 години што е родено со парцијална церебрална парализа. Низ својата фантазија тој бега во светот на приказните, во кои е слободен да направи што сака и да биде кој ќе посака…

Филмот е во режија на Рашко Миљковиќ и негов прв филм, а сценариото е на Марко Манојловиќ и Милош Кречковиќ.

Продуценти се „Акација продукција“ од Србија и копродукциската куќа „Дрим фактори“ од Скопје. Проектот е поддржан од Филмскиот центар на Србија, „Медиа програмата“, „Креативна Европа“, Македонската филмска агенција и др. Филмот ја освои првата награда во Торонтоп, на „Кидс фестивалот“, како составен дел од „Интернешнел Торонто филм фестивал“.

На 24-то издание на СФФ на публиката ќе ѝ бидат понудени вкупно 266 филма од 56 земји. Престижниот фестивал ќе го отвори филмот „Студената војна“ на оскаровецот Павел Павликовски, кој за овој филм ја доби наградата за режија на Филмскиот фестивал во Кан.

Во програмата „Опен еар“, која традиционално привлекува најмногу посетители, ќе биде прикажан новиот филм на Асгар Фархади, „Сите знаат“. Овој афирмиран ирански режисер годинава е и на чело на жирито во Сараево, кое ќе ги оценува филмовите во натпреварувачката конкуренција.