Јајцата „Фаберже“ се најскапи, а дизајнерските јајца најбарани од колекционерите
САД– Јајцата „Фаберже“ се велигденски јајца кои ги изработувал рускиот златар Петар Карл Фаберже за руските цареви, во периодот од 1885 до 1917 година. Нивната вредност денеска е невозможно да се процени.
Рускиот цар Александар Трети сакал на својата жена Марија Фјодоровна да и направи специјално велигденско јајце кај познатиот златар Фаберже во далечната 1885 година.
По смртта на Александар Трети, неговиот наследник Никола Втори од оваа златарска работилница продолжил да нарачува по две јајца од благородни метали секоја година, едно за мајката Марија, а друго за сопругата Александра.
Овие брилијантни украси на Петар Карл Фаберже, денес се сметаат за ремек дело на златарската уметност, а направени се 50 во периодот од 1885 до 1917 година.
Сочувани се 42 јајца, а повеќе од четвртина може да се најдат во музејот во Кремљ.
Друга најголема колекција, од дури 9 јајца, била купена од страна на рускиот милијардер Виктор Векселберг за неверојатен износ од 100 милиони американски долари во 2004 година. Остатокот се наоѓа во приватни колекции.
Во замена на јајцата „Фаберже“ , колекционерите ги бараат за своите витрини дизајнерските јајца на славните креатори. Цената им се движи во илјадници долари.