Јапонскиот премиер го номинираше Трамп за Нобелова награда


Јапонскиот премиер Шинзо Абе го номинирал американскиот претседател Доналд Трамп за добитник на Нобеловата награда за мир, откако американската влада побарала од него да го направи тоа, пишува јапонскиот весник Асахи.Објавата во јапонскиот весник следи откако Трамп потврди дека Абе го номинирал за Нобеловата награда за мир поради започнување на преговорите и смирување на напнатоста со Северна Кореја.

Јапонскиот лидер му ја дал на Трамп „најубавата копија“ за номинацијата, напишана на пет страници, изјави Трамп на прес конференција за новинари во Белата куќа.

Американската влада го повика јапонскиот премиер да поднесе номинација за Нобелова награда откако Трамп во јуни минатата година се сретна со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, што беше прва средба на Севернокорејски лидер со претседателот на САД, истакна јапонскиот весник повикувајќи се на анонимен извор од јапонската влада.

На страницата на Нобелова награда се наведува дека номинација за Нобелова награда може да поднесе било кој човек кој ги исполнува критериумите за номинација, што ги вклучува и државните лидери. По правилата за номинација, имињата и другите информации околу неуспешните номинации не смеат да се откријат 50 години.