Јанчев и Богданов надгласани со акламација


Двајца членови што барале да се гласа на референдумот, два-тројца што барале бојкот и дваесетина на чело со претседателот Христијан Мицкоски што ги надгласале со акламација. Ваков е епилогот од завчерашниот тричасовен состанок на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, каде што се одлучуваше за ставот на партијата во однос на спогодбата со Грција и претстојното референдумско изјаснување. Како што беше најавено одамна, преовлада мислењето секој од граѓаните сам да си одлучи дали и како ќе гласа на 30 септември.

Од вкупно 32 члена на ИК, присутни во „белиот дворец“ биле 27-мина. Особено впечатливо било отсуството на потпретседателот Митко Јанчев. Тој најавил дека нема да може да присуствува, но побарал телефонски да се вклучи во расправата. Најпрво се обратил лидерот Мицкоски. Тој имал подолго излагање, а присутните тврдат дека било речиси идентично како подоцнежното на прес-конференцијата. Тој го нападнал потпишаното во Преспа од страна на министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас. Повторувал дека договорот е штетен за Македонија, дека со него се менуваат Уставот, институционалниот идентитет, патните исправи, личните документи, се ревидираат традицијата и историјата, исчезнуваат Времената спогодба, како и Хашката пресуда. Самиот договор бил донесен во нетранспарентна процедура и преку повреди на процедурите за носење на ваков правен акт, опозицијата била исклучена од преговори, па затоа сега немало потреба да ја вади власта од кал.

Откако заврши, збор побараа други членови. Се поведе дебата дали треба на нашите членови и симпатизери да им сугерираме да излезат и да гласаат по своја волја или воопшто да не им кажуваме дали да излезат. ‘Реформаторот’ Костадин Богданов укажуваше дека ова е историски момент и дека нашата партија не смее да стои настрана. Објаснуваше зошто е битно да се излезе и да се гласа, потенцирајќи дека не е добро за партијата да нема став за вакво клучно прашање. На слична линија беше и Јанчев, кој се јави на телефон. Тој бараше да заземеме став ако треба и ‘против’ договорот, но важно да не стоиме настрана. Од друга страна, имаше едно крило од тројца членови, предводено од Тони Михајловски, кое бараше партијата да повика на бојкот на референдумот. Не можам да кажам дека имаше некои кавги, едноставно на крајот дојде до гласање, поточно немаше гласање, туку со акламација ја прифативме одлуката што ја соопштивме: секој сам да одлучи што ќе прави“, вели член на ИК за „Независен весник“.

Следуваше седница на Централниот комитет, која се оддолжи повеќе од процедурални причини отколку поради квалитетна дебата. За збор главно се јавувале членови на општинските комитети, но и тука горе-долу расположението било исто. Не се обрнувало внимание на една внатрепартиска анкета која покажала дека во Изборната единица 1 (Скопскиот регион), триесетина отсто од поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ се изјасниле дека сакаат да излезат и да гласаат на референдумот. За тоа време, Мицкоски веќе се подготвуваше за средба со новинарите. Излезе дури по 23 часот, ја прочита дваесетминутната изјава и си замина. Прашања не дозволи, рече ќе има време деновиве.

Прашањето за името е едно од најзначајните за нашата држава. Тоа е натпартиско, суштествено за постоењето и понатамошното дејствување на државата. Ова е прашање кое задира во историјата, го опфаќа делото на нашите предци и се однесува на иднината, на младите или сè уште неродените деца. Ова не е прашање само на Христијан Мицкоски и Зоран Заев, ова не е прашање само на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. По консултациите со граѓаните и реално различните мислења кои постојат меѓу народот, за апстиненција или да се гласа против, но и оние малкуте што сметаат дека треба да се поддржи, по одржаните состаноци со Централниот и Извршниот комитет, донесовме одлука секој граѓанин да постапи според сопственото убедување. Секоја индивидуа, со сопствениот морал и совест, ќе донесе одлука која смета дека е најдобра, пред сè за своето семејство и за нашата мила Македонија. Нема партиите да одлучуваат, за национално прашање ќе одлучи нацијата и на нејзината одлука сите ние ќе се поклониме и тоа ќе биде тоа. Јас сум убеден дека знаете што треба да направите. Треба само да ги слушате вашето срце и вашиот разум“, нагласи Мицкоски.

Вчераутро се јави и Јанчев, кој потврди дека не се согласил со одлуката на партијата. Во изјава за мкд.мк, тој вели дека ВМРО-ДПМНЕ мора да има прецизен став, за бојкот или за излегување на референдумот, оти вака топло-ладно не ѝ личи на партијата. Тој одбил да го соопшти личниот став во однос на договорот, нагласувајќи дека наскоро ќе ги соопшти идните потези.

Познавачите на приликите внатре во партијата велат дека Јанчев, кој е градоначалник на Кавадарци, ја прифатил потпретседателската функција во ВМРО-ДПМНЕ во силно уверување дека завршила ерата на Никола Груевски. Изминатото лето забележливи беа неговите средби со политичари од странство, а особено впечатливи беа заедничките фотографии со премиерот Зоран Заев. На луѓето со вмровска провениенција не им се допаѓа ниту тоа што Јанчев и неговата „Кожувчанка“ спонзорираат медиуми што пропагираат исклучително провладина содржина, односно со сите сили го оцрнуваат ВМРО-ДПМНЕ. Поради сето тоа, велат тие, не било чудно што Јанчев има различен став од Мицкоски.

Генерално, партијата нема да прави кампањи по медиумите или видеоспотови бидејќи нема логика, но преку отворени средби со граѓаните ќе укажува на штетноста од договорот за името.

Горан Адамовски