Јанкуловска изрази сомнеж во вештачењата за набавениот „Мерцедес“


Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, која е една од обвинетите за случајот „Тенк“ на денешното рочиште во Кривичниот суд рече дека кај неа како обвинета постои сомнеж за објективноста на изработените две вештачења за набавениот „Мерцедес“.

– Ниту јас како обвинета, ниту моите бранители немавме можност да учествуваме со свои предлози и забелешки во вештачењето кое го нарачало СЈО, рече Јанкуловска.

Станува збор за економско-финансиско вештачење и сообраќајно технички вештачења за набавка на мерцедесот.

– Постои објективна оправданост и сомнеж во објективноста на вештачењата во однос на политичката кариера на вештакот Тале Герамичиоски и управителот на компанијата која била ангажирана, бидејќи токму во тој период исполнувале високи политички функции како избрани или именувани лица на предлог на СДСМ, а и јас исто така во тој период извршував високи функции во ВМРО-ДПМНЕ, истакна таа.

Затоа, Јанкуловска побара Судот да го земе во предвид овој објективен сомнеж, бидејќи, како што рече, политичкиот ангажман на вештаците го загрозува принципот на еднаквост на оружјата.

Судијката Добрила Кацарска даде еден час пауза со цел Судечкиот совет да ги разгледа приговорите на адвокатите и да се произнесе по нив.

Во предметот на СЈО „Тенк“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешната министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски, за набавката на луксузниот мерцедес од 600 илјади евра.