Јани Бојаџи, режисер на „Ругање со Христос“: Мене веќе ми пресудија


По повод реакциите на новиот филм во режија на Јани Бојаџи, успеавме да стапиме во контакт со него додека тој сè уште се наоѓаше во Монтреал, Канада, каде што филмот имаше светска премиера.

Министерството за култура реагираше на вашиот нов филм „Ругање со Христос“ и го окарактеризира како скандалозен и навредлив. Кој е вашиот коментар во врска со оваа реакција?
– Министерството за култура очигледно дека тешко се снаоѓа и никаде во ниту еден сектор не му оди добро во цивилни околности, па премина на воена реторика! Во таа смисла ова е „коминике“ во кое без око да му трепне Министерството се повикува на укинување на граѓанските права и слободи и воведување на бољшевистичка диктатура! Не можам и не смеам поинаку да го толкувам ова безумие со кое во 2018 година во Европа се повикува на цензура на уметнички дела! Мислам дека ова е до толку страшно колку што е молчењето на институциите во момент кога се посега по основните вредности, а тоа е правото на слободен јавен говор.

Министерството најави дека подготвува ново законско решение кое ќе ги спречи ваквите злоупотреби и ќе се бара отчет и ќе има контрола врз финансиското и, што е најважно, врз темите, идеите и пораките што ги праќаат овие творби/филмови. Дали ова може да значи цензура и тоа поткрепена со законско решение? Или?
– За тоа се работи. Министерството за култура објавува дека ќе воведе контрола врз темите, идеите и пораките! Ова не се случило никогаш и никаде да се каже јавно! Дури и кога се правело тоа во Шпанија под Франко, во Германија под Хитлер, во Русија под Сталин и во Македонија под Тито, тоа не само што не се кажувало, туку и било предмет на секојдневно негирање дека такво нешто воопшто постои! Германија го негираше до последен момент постоењето на конц-логорите и холокаустот! Во Македонија, Министерството за култура јавно зборува дека ова ќе го регулира, внимавајте – законски! Со закон ќе се регулираат идеи, мислења и ставови на поединци! Ова е Џорџ Орвел! Овој човек или овие луѓе мора веднаш да си заминат! Па, ако тие за ова работа зборуваат јавно, можам само да замислам што сè мислат и кажуваат по кабинети?! За ова мора да се одговора! Сега! Вие медиумите мора да побарате оставка од човек кој повикува на јавен молк и законска цензура! Министерството за култура бара од мене одговорност за мојата, внимавајте, „идејна малверзација“! Што се предлага во законот што ќе го донесат за таквите како мене – идејно малверзирани?! Гулаг? Суд, лекување, посетување на специјални третмани за одвикнување од „идејни малверзации“? Умирам од желба да ги видам тие „креативни решенија“ со кои ќе се решат еднаш засекогаш односите меѓу заедниците, со тоа што ќе се замолчат разно-разните уметници што шират „идејни малверзации“! Ќе дозволи ли министерот да се снима филм за ова? Прашувам за пријател сценарист? За да се спремаме за во илегала!

На реакцијата од Министерство за култура се придружува и Агенцијата за филм. Во вашето јавување за телевизија „Алфа“ пред да се случат овие реакции рековте дека сте имале поддршка од директорот Горјан Тозија. Што мислите Вие, на што се должи неговото премислување?
– Додека јас ја давав таа изјава за „Алфа“, не знаев што се случува во Македонија. Немав поим. Не очекував ништо такво. Со Тозија се немам слушнато ниту лично ниту со порака. Сакам да го заштитам од мене! Јас од директорот на Агенцијата за филм и од целата негова администрација искажав јавна благодарност. Горјан Тозија е филмаџија со искуство и знаење кое претпоставува подобри денови за македонскиот филм. И во таа смисла, убеден сум дека во овој момент е поважно да го заштитиме и одбраниме него од притисокот на политиката и политичарите отколку мене и мојата човечка и творечка суета. Јас сега не сум важен. Мене ми пресудија! Но, ако сега попуштиме пред тоа Министерството за култура и политичарите кои случајно ќе дојдат во тоа министерство да го наметнат својот идиотизам врз Агенцијата и врз директорот, тогаш отидоа сите по мене! Оти зад зборчето „идејна малверзација“ денес мене ќе ме обвинат и ќе ми пресудат за едно, а утре со истото зборче на други за друго! Сме имале ние такво искуство во поновата историја. Јас знам дека со ова што сега го кажувам ќе си навлечам едно чудо душмани кои имаат поинакви релации и со Агенцијата и со Тозија, но, барам, молам да не ме браните мене! Одбранете го Тозија, така ќе ме одбраните и мене, но и себеси!

И.Н.