Јанева: Со „Тврдина-Таргет“ ќе докажеме дека 20.000 граѓани биле прислушувани


Специјалното јавно обвинителство има многу докази дека лицата кои се обвинети во случајот „Тврдина-Таргет“ прислушувале и тоа ќе го докажеме пред суд, изјави денеска специјалната јавна обвинителка Катица Јанева која се надева дека конечно во петок ќе почне судскиот процес за овој предмет.
– Тврдина – Таргет“ е предмет за тоа дека службени лица од УБК ја уништиле опремата за да не може да се утврди дека на тие машини се прислушувало. Имаме форензичко вештачење во кое се утврдува кој, како и на кој начин прислушувал. Имаме докази во предметот што се уште не е почнат пред судот, а би требало да почне и се надевам дека сите ќе бидеме присутни да утврдиме кој прислушувал. СЈО има многу докази за тоа кој прислушувал и не може овој предмет да го даде на Основното јавно обвинителство, истакна Јанева, одговарајќи на прашања по денешната презентација на првиот преоден извештај на ОБСЕ за активностите и предметите на СЈО.
Најави дека овој предмет ќе го застапуваат до крај на постапката и оти имаат доволно докази за да докажат дека се злоупотребени личните права на граѓаните.
– Имаме докази дека лицата кои се обвинети, прислушувале и тоа ќе биде утврдено од страна на судот. Се надевам дека уште во петок за кога е закажано рочиштето, конечно ќе почне. Знаеме дека двајца од обвинетите се во бегство, но се надевам дека судот ќе се одважи и или ќе ја раздвои постапката или ќе ги суди во отсуство за да го започне овој предмет и јавноста да види како им се злоупотребени личните права. Имаме повеќе од 20 илјади луѓе кои незаконски се прислушувани и тоа ние ќе го докажеме на суд, нагласи Јанева.
Во однос на застарувањето на предметите, Јанева смета дека не постои некоја посебна опасност за тоа и се надева дека судот ќе ги заврши навреме предметите.
Според Јанева, Врховниот суд ја злоупотребил својата положба и овластување во случајот „Труст“ со што им дозволил на двајца од обвинетите да добијат инсајдерски информации и да избегаат од државата.
Јанева упати апел до судовите почесто да закажуваат рочишта за предметите на СЈО како на пример за настаните во македонското Собрание од 27 април, случај за кој веќе се закажани 55 рочишта.
Во однос на тоа колку од прислушуваните разговори се анализирани, Јанева рече дека се преслушани 85 проценти, а 15 проценти од разговорите кои биле на странски јазици се дадени на превод и овој процес на превод би требало да заврши до крајот на ноември.