Јанева: Може некој да се спаси


Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева не може да предвиди што ќе се случува во иднина со случаите на ова обвинителство ако биде донесен новиот предлог-закон, кој конечно ќе го регулира статусот на СЈО и со кој „бомбите“ нема да можат да се користат како докази во над дваесет случаи што ги отвори СЈО по јуни 2017 година. Таа остава отворена можност некој од обвинетите да се спаси, но и дополнително уште некој да биде обвинет.

„Може некој да се спаси, а некој може да биде плус обвинет. Но ние во суштина сме задоволни што ни се проширува надлежноста. Не сме ограничени само на „бомбите“ бидејќи во периодот што го анализиравме сметаме дека има и други прекршувања на Кривичниот законик. Така можеби сега во одредени предистраги ќе отвориме и многу покрупни предмети од овие што ги имаме“, рече Јанева.

Специјалното јавно обвинителство засега уверува дека тоа што „бомбите“ ќе бидат неупотребливи во случаите „Попис“, кој се води против лидерот на ДУИ, Али Ахмети и поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во „Талир“ против опозициската ВМРО-ДПМНЕ, во „Империја“, кој треба да го докаже криминалот за кој се осомничени поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков и бизнисменот Орце Камчев и во други случаи, нема да претставува проблем бидејќи тие собирале материјални докази и искази од сведоци.

„’Бомбите’ ги олеснуваа и појаснуваа некои работи во склоп на сите други материјални и вербални докази, но сметам дека и начинот на работа без ‘бомбите’ е предизвик за специјалните јавни обвинители и ќе се потрудиме да бидеме на висина на задачата“, изјави Јанева.
Иако Врховниот суд, според правното мислење што го донесе, ги пушти осомничените бизнисмени во случајот „Империја“ да се бранат од слобода, за Јанева е најважно што СЈО има доволно докази по предметите за да се продолжат истрагите и одредени предистраги на кои се работи за овие лица. Таа тврди дека ако Врховниот суд го пушти да се брани од слобода и Мијалков, тие можат да побараат притвор за него за друг случај.
Откако коалициските партнери СДСМ и ДУИ се усогласија за предлог-законот за СЈО и го усвоија на владина седница, за да се донесе со двотретинско мнозинство, власта сега треба да побара поддршка од помалите албански партии, од независните пратеници или да ја убедува опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Токму лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, ја обвини специјалната јавна обвинителка Јанева дека го уценувала со одмрзнување на имотот на партијата за поддршка од пратениците за законското решение за СЈО.

Јанева тврди дека на средбата немало никакви закани и уцени, туку неврзан разговор за критиките дека само одредени лица се предмет на истрага од страна на СЈО.
„Мислев дека е добро да поразговарам и да го замолам Мицковски да го поддржи законот за СЈО со кој му се продолжува мандатот на неопределено време како дел од правосудниот систем, дека може да го разгледа тоа прашање во неговата партија за да може да изразат поддршка“, изјави Јанева.

Владата вчера го пушти во собраниска процедура предлог-законот за јавно обвинителство, а министерката за правда Рената Дескоска тврди дека уште немаат потврдено мнозинство во парламентот. Но за неа е битно дека успеале да постигнат согласност на ниво на владина коалиција.

Според неа, согласно новиот закон, продолжуваат сите постапки што се почнати пред СЈО и што се во фаза на обвинение или во фаза на истрага или предистрага, со тоа што доказите што се собрани врз основа на овие постапки остануваат валидни.

„Употребата на прислушуваните материјали е ограничена за оние обвиненија што се покренати во првите 18 месеци. Во консултации со странски експерти и со СЈО дојдовме до заклучок дека практично во предметите што се отвораат по 18 месеци реално и нема неопходна потреба од користење на аудиоматеријалите како доказ, бидејќи тие се користени како индиција преку кои потоа СЈО доаѓало до други докази што можат задоволително да послужат за докази во судските постапки. Од тие причини, нема да има нарушување на квалитетот на водењето на судските постапки ако не се користат овие аудиоматеријали“, рече Дескоска.

Со новиот предлог-закон „бомбите“ остануваат да се користат како докази во предметите што почнуваат на буквата „Т“ и за случајот „Насилство во Центар“. (Ф.Ф.С.)