„Јами дистрикт“ го отвора ИТФ „Лица без маски“: Националните поделби се најдраматични на Балканот


Во цела Европа е актуелна темата за националните поделби во 21 век, но на Балканот ситуацијата е најдраматична, вели драматургот Милена Богавац. По нејзин текст е направена претставата „Јами дистрикт“ режирана од Кокан Младеновиќ, а скопската публика ќе има можност да ја види на 12 април, во Домот на АРМ, во 20 часот.

„Јами дистрикт“ ќе го отвори годинешното 11. издание на Интернационалниот театарски фестивал „Лица без маски“.
Претставата „Јами дистрикт“ е работена според непостоечки документарец, кој брутално и болно зборува за бесмисленоста на националните поделби на нашите простори во време на хај-тек ерата. Екипата што ја создаде претставата направила истражување за тоа како се дефинира и како е можно еден конструкт од 19 век и понатаму толку силно да влијае на нашите животи? Занимавајќи се со овие прашања, Марко Грубиќ и Милена Богавац го креирале музичко-сценското дело „Нација“, чие главно упориште била тезата дека постоењето на нацијата никого не доведува во прашање, но истовремено никој не разбира што точно е нација.

– Зошто е толку важна нацијата за луѓето, особено во денешницата, кога знаеме дека во светот владее транснационален капитал. После овие фази на работа, во процесот се вклучи и режисерот Кокан Младеновиќ, чија идеја беше да пронајдеме приказна која ќе ги прикаже сите овие теориски заклучоци до кои дојдовме. Така го откривме Јаман, село на тромеѓето меѓу Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина и го поставивме прашањето: Што ќе се случи ако тука има цивилизација? Иако е нашата приказна фиктивна, прикажува како се почнува и како се завршува една војна. На Балканот, а особено во овие три држави, искуството од војната е нешто со кое сите сме се соочиле. Ова нам ни беше познато, но дополнително нè преплаши кога сфативме колку е лесно да се повтори – вели Богавац.

Според неа, овие теми се играчки за сиромашните, за да не размислуваат за своите вистински проблеми, затоа ни се претставуваат како нешто на што треба да бидат горди.
– Копањето по минатото ни ја одзема сегашноста и негативно влијае на нашата иднина, но ни се чини дека самите себеси си изгледаме поважни отколку што вистински сме. Кога припаѓаме на својата нација, имаме впечаток дека сме дел од нешто големо, а секоја нација има свои митови во кои се претставува како подобра од другите. Така и ние, во своите очи изгледаме малку подобри од другите, па лесно го поднесуваме сиромашното, невработеноста, лошите услови за работа, помалку ни сметаат политичките манипулации, помалку ги гледаме корупцијата и целиот хаос во општеството. Нацијата е како аналгетик. Ни прави да не ја чувствуваме болката, иако не ги лекува болестите на нашето општество. Кога енергијата би ја вложиле во обид да го подобриме општеството, ќе бидеме посреќни, но тоа не ѝ одговара на елитата, па затоа на секој половина век имаме војни, а по нив долго и тешко закрепнуваме. Секоја војна го раскопува минатото и нè враќа назад, и сѐ додека не го сфатиме тоа, ќе бидеме инфантилно општество со пострауматски нарушувања од војните, а тие нарушувања нè прават ирационални и на чекор до нова војна – вели Богавац.

Претставата за само една година е изведена 30 пати, а тоа ја прави една од најиграните претстави во тековната сезона. Публиката ја сака претставата, вели Боговац, дури повеќе од селекторите, жири-комисиите и стручната јавност.

– Без публиката немаше да постигнеме ништо. Во „Јами“ се пее, се смее, се пука, се плаче. Три актерки на сцена кои даваат максимум од себе и тоа публиката го чувствува. По завршувањето, посетителите сакаат да ги гушнат, да им се заблагодарат, понекогаш и плачат заедно со нив. Мислењето на стручната јавност ни е исто така важно, но во самата претстава нема ништо интелектуализирано или јасно само за стручњаците. Оваа претстава е за сите разбирлива, зборува за апсурдот на нашата реалност, за историјата за која научивме само дека не научивме ништо. На Македонците им препорачувам да ја гледаат внимателно. „Јами дистрикт“ не е само за Хрвати, Срби и Босанци, туку за сите нации кои се обидуваат да се претстава постари отколку што се. Во таа смисла, ова е и македонска приказна. Универзална е и само како таква ја добива својата идејна смисла – вели Богавац.

Улогите ги толкуваат Исидора Симијоновиќ, Јелена Граовац, Нина Нешковиќ, нараторот Немања Драгоша, а музиката е на групата ВРУМ. „Јами дистрикт“ е во продукција на БИТЕФ театар од Белград, новосадскиот „Тинк тенк студио“и Фестивалот „Маск“ од Сегедин, Унгарија.
Претставата почнува во 20 часот на отворањето на ИТФ „Лица без маски“, а влезниците чинат 200 денари и може да се набават на продажната мрежа на „МК тикетс“ и на билетарницата на Универзална сала.

Ивана Настеска