Јакимовски – појак од судбината, но не и од истрагата


Кога пред неполна седмица камерите на една телевизија го уловија Стевчо Јакимовски како навидум безгрижно шета низ улицата „Македонија“ во друштво на поранешниот премиер Никола Груевски, некогашниот градоначалник на Карпош можеби не претпоставувал дека набрзо потоа во неговиот дом ќе влезе полицијата со налог за претрес. И дека ќе ја помине ноќта во полициска станица чекајќи да биде изведен пред судија на претходна постапка.
Финансиската полиција поднесе кривична пријава против Јакимовски, како и за четворица раководители и членови на Комисијата за јавни набавки во Карпош, за злоупотреба на службената положба и овластувања. Против М.Д., раководител за јавни набавки, Н.Н., помошник раководител за финансиски прашања, С.М., раководител за норматива во правниот сектор и А.С., раководител за сметководство се покренати и кривични пријави за соизвршителство. Пријавите биле поднесени до Обвинителството за организиран криминал. Петтемина осомничени вчера попладне беа спроведени во Кривичниот суд, каде што Јакимовски на влегување ги опцу новинарите. Според привичните информации, за осомничените не се бара притвор, туку изрекување алтернативни мерки за обезбедување присутност.
Од Финансиската полиција се сомневаат дека поранешниот градоначалник и неговите соработници ја злоупотребиле службената положба и овластувања овозможувајќи им на правните лица „Алконпроект“ и „С.М. компани“ да се стекнат со противправна имотна корист во износ од 33.789.441 и 2.845.234 денари. Јакимовски, како што се наведува, во текот на 2012 и 2013 година ја злоупотребил службената положба спроведувајќи две постапки за јавни набавки, иако знаел дека фирмата „Алконпроект“ ДООЕЛ – Тетово не доставила банкарска гаранција. Тој, како што наведува финансиската полиција, во 2016 година повторно ја злоупотребил службената должност и овластувања, кога спровел постапка за јавна набавка за партерно уредување на сквер во Жданец, иако правното лице „С.М. Компани“ ДОО – Свети Николе не доставило банкарска гаранција за квалитетно и навремено извршување.

Пред да биде приведен, Јакимовски во изјава за медиумите тврдеше дека не е виновен и дека не направил финансиска малверзација. Според него, се работи за техничка грешка и за политичка одмазда на СДСМ, но не и за криминал, бидејќи, како што рече, службите заборавиле да ја активираат банкарската гаранција.
По два мандата едноподруго, Јакимовски замина од градоначалничката функција во Карпош по локалните избори есента 2017-та, кога ја изгуби битката од далеку помладиот кандидат на СДСМ, Стефан Богоев. Претходно, Јакимовски беше градоначалник на Карпош и во периодот 2000-2003 година – пред да стане министер за економија, па за труд и социјална политика – тогаш како кадар на ЛДП во претходната влада предводена од СДСМ.
Жестоката и непримерна кампања минатата година не му помогна на некогашниот каратист да ја освои по третпат општината која важи за традиционално настроена кон политичката левица. Всушност, единствено на Јакимовски му успеа во 2013 година да го наруши „левичарскиот имиџ“ на Карпош, кога самостојно се кандидираше за градоначалник задавајќи им тежок удар на тогашни сопартијци од СДСМ кои планираа изборен бојкот. Остана запаметено дека таа пролет Јакимовски ја прослави победата со песната „Не може нам нико ништа, јачи смо од судбине“. Но, четири години подоцна, Богоев го возврати ударот, така што дотогашниот градоначалник беше приморан да ги спакува куферите. Од политичките функции му остана само претседателската во ГРОМ, партијата што ја формираше кога замина од СДСМ, а која во последните изборни циклуси настапуваше во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ.
Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа вчера со оценка дека приведувањето на Јакимовски е одмазда против политичките неистомисленици.
„Приведувањето на Јакимовски е политичка конструкција со која Зоран Заев сака да испрати порака дека органите на прогонот се негови инструменти и дека, без разлика на доказите и правдата, секој може да биде мета на политички прогон.“
Јакимовски не се плашеше да обелодени дека Заев на ливче му побарал 250 илјади евра. Јакимовски не се плашеше да говори за заканите што СДСМ му ги упатуваше откако одлучи да се кандидира за градоначалник надвор од партијата на Заев, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
Од СДСМ, пак, одговорија дека ВМРО-ДПМНЕ брани криминал и залудно бара амнестија.
– Законите, правилата, прописите важат за сите подеднакво.
Секој што ги прекршил треба да се соочи со одговорност. Нема повеќе недопирливи, нема избегнување од одговорност – се наведува во одговорот од СДСМ.
Богоев пред неколку месеци одржа прес-конференција на која презентираше дел од ревизорскиот извештај за Општина Карпош за 2016 година. Државниот ревизор, како што беше посочено, утврдил ненаменско трошење пари од кредит во висина од 2,6 милиони евра и трансфери на средства до спортски клубови, здруженија на граѓани, поединци или правни лица за кои нема финансиски извештаи како биле трошени. Во 2014 година бил подигнат и кредит од 2,6 милиони евра, но ревизорскиот тим утврдил дека би потрошен ненаменски. Како што нагласи Богоев, извештајот завршува со тоа што ревизорскиот тим не изразува мислење, што, според него, значи дека финансиското работење на Општината било на најниско можно ниво.
– Не им се плашам, чист сум како солза. Одговорно тврдам дека ниту еден денар не е потрошен незаконски. Оваа игра на Богоев е доказ за неговата безидејност, затоа што тој за време на работа игра „плејстејшн“ со другарите – изјави Јакимовски за „Независен весник“ по прес-конференцијата на Богоев.
ГРОМ моментно има еден пратеник во Собранието – Панчо Минов кој е дел од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Второто пратеничко место што го освои партијата го презеде СДСМ. Пратеникот Чедомир Саздовски пред неколку месеци замина од ГРОМ и се врати кај социјалдемократите, каде што беше експресно унапреден во член на централниот одбор. Во коалиција со владејачкиот СДСМ сега е и Драгиша Милетиќ, кој на локалните избори во 2013 година му го отстапи печатот на Српската напредна странка на Јакимовски за да може да се кандидира за градоначалник и да состави советничка листа.
Судирот меѓу Јакимовски и СДСМ, кој почна во последната година од лидерството на Бранко Црвенковски, доби нови димензии сега кога на чело на партијата, но и на Владата, е Зоран Заев. Јакимовски и Заев едно време беа дел од малото, но популарно градоначалничко лоби во СДСМ како опозициска партија. Тоа беа ѕвездени години на Јакимовски во политиката. Тој веднаш по трансферот од ЛДП во СДСМ беше лансиран на потпретседателска функција во партијата, па дури и се споменуваше како можен наследник на Црвенковски на врвот на „Бихаќска“. Но Јакимовски не го дочека во СДСМ моментот на лидерска смена летото 2013 година. Додека тој ја формираше ГРОМ, на кормилото на СДСМ се позиционираше Заев. Aлександра М. Митевска