„Јадран филм“: Поднесовме тужби против в.д. директорот Горјан Тозија


Продукцијата Јадран Филм дооел и екипата на проектот „Македонија“ со допис до медиумите велат дека блокирањето на средствата на наменската сметка на Јадран филм за проектот „Македонија“ не е резултат ниту е врз основа на истражни дејствија или барања од страна на Финансиската полиција или Јавното обвинителство. Нивната реакција следува по известувањето на в.д. директорот на Агенцијата за филм Горјан Тозија пред два дена – дека од сметката на хрватската продукција повратиле 300.000 евра.

– Напротив, станува збор за незаконско активирање на Извршната клаузула која стои во Договорот потпишан меѓу Агенцијата за филм и продуцентот Јадран филм. Станува збор за донесување незаконска и самоиницијативна одлука од страна на в.д. директорот на Агенцијата за филм, Горјан Тозија, кој без Одлука на Управниот одбор на Агенцијата донел еднострана Одлука за раскинување на Договорот, којашто Одлука по закон а и по Договор треба да ја потврди Управниот одбор на Агенцијата, наведуваат Јадран филм дооел и додаваат дека поради „оваа незаконска постапка од страна на в.д. директорот Тозија, продуцентот Јадран филм веќе има поднесено повеќе тужби пред судовите во Република Македонија“.

Агенција за филм: Повлековме назад 300 илјади евра од „Јадран филм“

Оттаму соопштија дека Јадран филм има валиден финансиски и ревизорски Извештај со кој, како што се наведува, се потврдува законското и наменското трошење на средствата поткрепен со соодветна документација. Финансискиот извештај и Ревизорскиот извештај во прилог со целокупната пропратна документација како и другите докази од страна на релевантни и стручни лица, известува Јадран филм дооел, ќе бидат проследени до сите надлежни и релевантни институции во државава.

– Јадран филм Загреб овие средства во висина од 300.000 евра кои Тозија привремено а нелегално ги одзема, ќе ги инвестира од сопствени средства и ќе продолжи со снимањето на историскиот дел. Дали е уште нешто дополнително потребно да се докажат нашите намери, како и намерите на Горјан Тозија? Од каде е правото на Горјан Тозија од Владата на РМ и од македонската јавност полни два месеца да ја крие понудата за двострука финансиска гаранција? Треба да се запрашаме, доколку тоа што го говори Тозија е вистина, дали Јадран филм дооел би ги чувал тие средства на својата сметка, и дали Тозија може противзаконски да ги одземе?, стои во соопштението потпишано од Јадран филм дооел и екипата на проектот „Македонија“.

Наведуваат дека средствата ги чувале на сметката за снимање на историскиот дел и како такви, според планираната динамика на буџетот и планот на снимање, имале намера тие да останат таму се до почетокот на снимањето на историскиот дел за што, како што посочуваат, веќе се договориле Грегориќ и Тозија.