Ѕинго: Не трчаме да бидеме власт


Очекуваниот флерт на социјалистката Владанка Авировиќ и изненадувачкиот потег на нејзиниот партиски колега Љупчо Димовски, да им обезбедат кворум на пратениците од власта, ја разнишаа коалицијата „За подобра Македонија“. Помалку срамежливо, Социјалистичката партија на Македонија (СПМ) се става на страната на владејачката коалиција и го расчистува 13-годишното сојузништво со ВМРО-ДПМНЕ. Во најголемата опозициска партија будно ги следат настаните, тврдат дека коалицијата со СПМ нема да се прекине, но ќе се побараат детални одговори зошто бродот на социјалистите свртува налево.

Љубисав Иванов-Ѕинго, кој од основањето на СПМ во 1991 година е нејзин претседател, вели дека никогаш, па ниту сега не трчале да бидат дел од власта.

Не очекуваме ништо ниту калкулираме. Дел сме од коалицијата што ја сочинуваат 23 партии, но не сме ничии приврзоци. Едноставно дејствуваме како што мислиме дека треба. Во нашата партија владее единство“, вели Иванов за „Независен весник“.

Во средата Авировиќ и Димовски не им се придружија на колегите од ВМРО-ДПМНЕ, кои на почетокот ја напуштија седницата зашто владејачкото мнозинство немаше обезбедено кворум. Двајцата пратеници на СПМ останаа во пленарната сала, со што овозможија да се постигне потребниот кворум од 61 пратеник за почеток на седницата. Третиот пратеник – Стојанче Миланов подоцна гласаше за предложените закони заедно со останатите од опозицијата, кои на крајот учествуваа во расправата.

Во ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште не добиле официјален одговор дека социјалистите ја раскинуваат коалицијата со нив. Се сомневаат дека власта ги држи во раце Авировиќ, чиј син Василие е обвинет во случајот „Труст“ со Сеад Кочан на специјалното јавно обвинителство, како и Димовски, кој неодамна беше пуштен од куќен притвор поради парламентарното насилство од 27 април и кого веројатно ќе го чека долг и тежок судски процес.

Сепак, коалицијата со СПМ не ја прекинуваме“, велат во „Белиот дворец“.

Пратениците на Социјалистичката партија на почетокот на минатиот месец не ја потпишаа и иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за гласање недоверба на Владата во Собранието. Авировиќ тогаш образложи дека нема никакви промени во политичкото дејствување на СПМ, а интерпелацијата на Владата не ја потпишале бидејќи биле спречени. При гласањето, Авировиќ беше отсутна, а Димовски и Миланов гласаа за интерпелацијата на Зоран Заев и неговиот тим.

Во моментов коалицијата „За заедничка Македонија“, барем на хартија, располага со 45 пратеници од вкупно 51, колку што имаше кога влезе во парламентот по изборите во декември 2016 година. Оттогаш Амди Бајрам, Чедомир Саздовски и Јусуф Хасани преминаа на страната на победниците, а Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов и Сашо Василевски се во куќен притвор и не можат да присуствуваат во работата на Собранието.

Од друга страна, премиерот и неговите сопартијци неколкупати најавија дека парламентарното мнозинство набргу ќе биде зголемено, калкулирајќи со бројка од над 70 пратеници што би ја подржале работата на Владата.

Социјалистичката партија на Македонија во коалиција со СДСМ влезе во 1994 година, а се раздели во 2002 година. Подоцна, во декември 2003 година, СПМ стапи во коалиција со Демократска алтернатива и со Демократскиот сојуз, наречена „Трет пат“. По повлекувањето на ДА од коалицијата пред локалните избори во 2005 година, СПМ продолжи да биде во коалиција со ДС, а подоцна овие две партии влегоа во изборниот блок предводен од ВМРО-ДПМНЕ, во чиј состав настапија и на парламентарните избори 2006 година. Една од важните алки на СПМ е телевизијата „Сител“.

Горан Адамовски