Ѕанакопулос: Договорот од Преспа ќе помине во грчкиот парламент


Убеденост дека во грчкиот Парламент постојат политички сили за да биде ратификуван договорот од Преспа, и покрај ставот на коалицискиот партнер Панос Каменос, изрази портпаролот на грчката Влада и министер без ресор Димитрис Ѕанакопулос во интервју за грчкото радио „Њуз 247”.

– Позицијата на Каменос во однос на договорот е позната, тоа не се работи што не ги има кажано, но јас сум убеден дека во овој момент постојат политички корелации во грчкиот Парламент за ратификација на договорот и тоа ќе се покаже кога ќе се достави и кога ќе биде изгласан, рече Ѕанакопулос во однос на ставовите на коалицискиот партнер во Владата и одби конкретно да ја коментира позицијата на Каменос дека ќе ја повлече довербата за Владата.

Портпаролот на грчката Влада и министер без ресор, како што јави дописничката на МИА од Атина, уште еднаш ги повтори предвидените чекори согласно договорот.

– Додека да дојде договорот во грчкиот Парламент треба да поминат различни чекори: референдумот во соседната земја и во продолжение собраниската процедура за ревизија на Уставот. Според тоа ако ова се направи и поскаувам да се направи, потоа грчката Влада ќе го достави договорот од Преспа за ратификација во Парламентот, рече Ѕанакопулос и додаде дека „врз основа на она што го вели договорот, колку е можно побргу” грчката Влада ќе го достави договорот во Парламентот.