Ѓоко Попоски: Не можат по коњот, удрија по самарот


Во Апелациоскиот суд по долго одлагање, конечно заврши расправата за првостепената пресуда за случајот „Тенк“. Последен зборуваше обвинетиот Ѓоко Попоски, кого судијката Добрила Кацарска во мај годинава го осуди на шест години затвор, поради злоупотреби на службената должност при набавката на луксузниот Мерцедес во МВР.

Поранешниот заменик-министер рече дека не е криминалец и оти не ја злоупотребул ниту пак знае што значи да се злоупотреби службената должност.

-Јас само знам да одам на работа од 08:30 и 16:30 часот и чесно да работам. Но, во оваа наша чудесна земја се е можно. Ќе се послужам со една стара поговорка „Не можат по коњот, па удрија по самарот“ – рече Попоски.

Тој тврдеше дека не учествувал во подготовката на тендерот, ниту во подготовка на спецификациите со кои што му се дава фаворитска улога на еден оператор.

Претходно, и неговиот адвокат Стерјо Зиков ја обжалуваше првостепената пресуда. Во судот се читаа и жалбите на адвокатите и на обвинетиот Никола Груевски, кои како што најавија вчера не се појавија во судницата.

Обнивителот Гаврил Бубевски бараше сите жалби на одбраната да бидат отфрлени како неосновани.

Апелацискиот суд писмено ќе ги извести двете странки за одлуката.

Г.А.