Ѓоковиќ ја откри својата тајна за неодамнешните успеси


Шампионот на Вимблдон и Ју Ес Опен, Новак Ѓоковиќ призна пред медиумите кој е клучот за одличната форма и двете Гренд слем титули, кои ги освои во последните месеци. Според Ѓоковиќ тоа се должи на петдневниот одмор на планина, заедно со неговата сопруга Јелена.

Како што е познато, пред Ролан Гарос, Србинот имаше тешкотии по повредата во лактот и се наоѓаше едвај на 22-то место на светската ранг-листа, а на самиот турнир претрпе изненадувачки пораз во 1/4-финалната фаза од Марко Чекинато. Токму по него, тенисерот одлучил да помине неколку дена на француските планини. Резултатот – титули од „Ол Ингланд Клаб“, Синсинати и Отвореното првенство на САД.

– Отидов на петдневен одмор со мојата сопруга во француските планини. Едноставно се изолиравме и ги разгледавме работите од друга гледна точка. Оттогаш, тенисот беше сосема поинаков за мене. Во однос на резултатите играв финале во Квинс, победив на Вимблдон, Синсинати и Ју Ес Опен. Можеби наскоро ќе мора повторно да одиме на слично нешто, вели тој.

Тенисерот потоа ја пофали својата сопруга Јелена за нејзината форма.

– Се сеќавам на моментот кога се искачивме на планината. Беше многу високо. Ние стигнавме до врвот за три часа благодарение на мојата сопруга. Неверојатно, таа е во толку добра форма. Не можам да верувам дека успеа да се искачи. Седнавме и само гледавме на светот од оваа перспектива. Ние едноставно вдишавме нова инспирација и мотивација, рече уште Ѓоковиќ.