Што сака Грција?


Слободанка Јовановска

Премиерот Зоран Заев деновиве водеше две битки. Првата околу обвинението за „Поткуп“ ја доби, а за втората околу името ќе почека подобри времиња. За првпат откако е на функцијата самодовербата на премиерот е видливо нарушена. Отпор кон решението, што тој го оцени како достоинствено за Македонија, искажаа речиси сите во Грција и опозициските политички лидери и добар дел од јавноста во Македонија. Не е дека само Грција рече не на „Република Илинденска Македонија“, туку тоа го направија и македонската дијаспора, левицата, десницата, дел од албанските аналитичари и главно тие кои живеат во некаков „фантазиленд“ и веруваат дека спорот може да се реши, а Македонија да не даде отстапки. Реагираа силните патриоти кои знаат што не може, а немаат идеја како може Македонија конечно да излезе од изолација, и кои не сакаат ни да размислат каков товар презема врз себе премиерот Зоран Заев кога пред цела јавност во прво лице еднина ги соопштува отстапките што немаше храброст да ги направи ниту една влада досега од независноста на Македонија.

За квазипатриотите прифаќањето на промената на Уставот, кој е менуван многупати е предавство, иако цената на неменувањето ништо се виде ептен добро кога Македонија се соочи со обид за државен удар, политичка егзекуција и распад на демократијата. Место соочување со реалноста и давање поддршка на премиерот кој си даде тешка задача, ако ништо друго за да дојдеме до подобро решение за Македонија, некои на оваа тема и натаму сакаат да собираат поени во земјата. На сите ни е јасно дека од почетокот на преговорите премиерот и партиите зад него прават чекор по чекор, т.е. отстапка по остапка, но на тој пат добија и неколку отстапки од грчка страна. Откако јавно го соопшти името на јазикот со словенски опис, за што некогаш беа ставани на „кол“ амбасадори во земјата , Заев јавно кажа дека прифаќа додавка на името на Македонија за надворешна употреба.

Од Софија слушнавме дека оди натаму, па прифаќа и ерга омнес, т.е. промена на името за домашна употреба ,ако тоа име е прифатливо за сите граѓани во земјата, ако е достоинствено и ако не влијае на идентитетот на Македонците во земјата. На крајот го соопшти името „Република Илинденска Македонија“ на три јазика, со кое се откажа на некој начин од античкото минато и стави „катанец“ на идеолошкиот проект Скопје 2014 година кој ја иритираше Грција. А, преговорите не се ни стигнати до крајот, туку како што изгледа се речиси на почетокот. Дилемата е што сака Грција, и што е подготвена да даде Македонија за да стане членка на НАТО и ЕУ? Дилемата е исто така дали последната еуфорична епизода од Софија беше само начин да и се продаде на јавноста ерга омнес принципот , бидејќи по одбивањата на новото име изминатите два дена, благодарејќи во голема мерка и на нас самите, тоа исчезна, но ерга омнес принципот остана, со што практично повторно е премината нашата црвена линија.

Затоа, вака како што се одвиваат преговорите досега, време е јавноста во земјата да се подготви за тешко „слетување“. Тешкиот дел од преговорите дури сега почнува, а колку подолго траат толку повеќе ќе се создава простор за отстапки на македонска страна, бидејќи крајната цел на Грција очигледно е да добие се, а не комприомисно решение за спорот за името со нашата држава. Крајната цел,притоа, е иста како и на почетокот, колку и да се менуваа условите и реториката во преговарањето. Тоа е македонскиот народ и јазик да бидат што е можно понемакедонски, со квази додавки, словенски транскрипции, непреведувани и други веќе видени форми за изигрување на крајниот компромис. Ниту една географска, идеолошка, временска или политичка одредница нема да го задоволи апетиот на политичките партии во Атина ако не го стави под прашалник македонскиот идентитет на секој граѓанин во земјата.

Затоа, колку повеќе му се отежнува позицијата на Заев со некакви патриотски фантазии и квази расправии дека ЕУ и НАТО не ни требаат, толку повеќе им се олеснува на екстремите во Атина да бараат нешта што немаат здрава логика со правењето политички компромиси. Македонија нема да победи ако дигне раце од овие преговори, ако дигне раце од давањето предлози, ако дигне раце од своите стратегиски определби и ако не може да процени колкава цена е поднослива за да тргне напред место да стои. На крајот на краиштата она што најмногу го сакаат поголемиот дел од политичките сили во Грција е Македонија никогаш да не стане членка на НАТО, а особено не на Европската унија, така што секое наше неединство и повлекување им ја олеснува таа задача.