Што има на рацете неизмиени 10 години?


Миењето раце не е бон тон, туку морал. Дали знаете што се може да се најде на нив ако не ги измиете десет години?
Рацете се најголем пренесувач на заразни болести, вели професорот Вал Куртис од Лондонската школа за хигиена и тропска медицина, а меѓу бактериите кои се задржуваат на рацете ги наведува салмонелата, ешерихија коли и норовирусот, пренесе Гардијан.
Новинарот на Фокс, Питер Хагсет изјави оваа недела дека не ги миел рацете 10 години и предизвика бурни реакции. Иако после тврдеше дека се шегувал, сепак некои луѓе не сакаа да се ракуваат со него.
„Ако овој тип отиде во тоалет и си го избрише задникот, или не, и допре некој дел од своето тело, а потоа не ги измие рацете, бактериите може да завршат на се што ќе допре. Тоа може да биде квака на врата и раце на други луѓе“, вели Куртис.
Како што оцени, антисоцијално е да не се мијат раце затоа што тоа ги доведува другите во опасност од болести.
Од Светската здравствена организација порачуваат дека миењето раце е прашање на живот или смрт.
Лиса Акерли, професорка во лондонското Кралско друштво за јавно здравје, вели дека нема упатство за тоа колку пати треба да се мијат рацете.
„Дали 20 пати? Можеби 30? Па, може да биде многу повеќе од тоа. Измијте ги кога е потребно, а потребно е да се измиете по одење во тоалет, пред подготовка на храна, пред јадење и кога ќе се вратите од училиште или од работа, за да придонесете вашата куќа да е без микроорганизми“ вели таа.