Што го нагриза рејтингот на СДСМ – аферите или договорот?


Не само договорот за името, кој очекувано наиде на поделени реакции кај етничките Македонци, туку и аферите поврзани со членови на извршната власт кои неочекувано почнаа да испливуваат на површина, според политичките набљудувачи, се некои од клучните причини за благиот пад на рејтингот на СДСМ, како главна владејачка партија, наспроти повоочливиот   пораст кај ВМРО-ДПМНЕ. Иако поместувањата во рејтинзите засега не се драматични, проценките се дека трендот може да продолжи доколку владата не одговори соодветно на случаите  на судир на интереси, на непотизам и на користење државни ресурси за приватни цели какви што излегоа во јавноста во овој период. Како и доколку и во текот на референдумската кампања не најде најсоодветен начин да им ги  објасни на поскептичните граѓани придобвиките од постигнатиот договор со Грција.
-Изедначувањето на рејтинзите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ не треба да се поврзува со престојниот референдум, смета аналитичарот Алберт Муслиу. Наспроти тоа, Муслиу посочува на последните афери кои добија голем одек во јавноста, додека Владата подолго време е концентрирана на  главниот проблем поврзан со договорот за името и евроинтеграциските процеси на земјава.
-Кога Владата ќе реагира на аферите така како што се очекува, и владејачката партија  ќе може да очекува консолидирање на своите позиции. Ако, пак, изостане реакција, тогаш ќе треба да се соочат со последиците од реакциите на јавноста. Исто така, сметам дека Владата треба да го поправи својот пи-ар. Имаше во изминатиот период добри активности и проекти што не беа соодветно промовирани. Не може сѐ да се стави на куп и да се очекува граѓаните сами да влечат заклучоци што е добро и кои проекти се во нивен интерес, вели Муслиу.
Од МЦМС, пак, сметаат дека аферите немале толку голем удел во поместувањата на рејтинзите на партиите затоа што нивниот пик бил по распишувањето на рефрендумот на 30 јули, а анкетата е спроведена во периодот од 24 јули до 1 август. Како аргумент за тоа дека влијанието на аферите не е пресудно се посочува покачувањето на рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ за 3,4 процентни поени, наспроти намалувањето кај СДСМ за само 1,1 поен. На тој начин, предноста на СДСМ што во мај годинава изнесуваше близу пет процентни поени, сега е стопена речиси на нула.
СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, според најновата анкета, се во „мртва трка“ во сооднос 24,4 наспроти 24 проценти.  Затоа, пак, владејачката ДУИ е неприкосновена во албанскиот политички блок, иако и нејзиниот рејтинг е намален за симболични 0,5 проценти. Довербата  од 6,9 проценти за ДУИ  е, всушност, поголема и од збирот на рејтинзите на сите други партии во овој камп: Алијансата за Албанците -2,7 проценти, Беса – 1,7 и ДПА -0,5 отсто, кај кои се бележи сега исто така опаѓачки тренд. Бројките покажуваат дека во пораст овој пат е единствено ВМРО-ДПМНЕ, како и процентот на неопределени гласачи (30 проценти) и на  оние кои рекле дека нема да гласаат ако утре се одржат избори. Од МЦМС сметаат дека во овој период најголемо влијание на рејтинзите имал договорот со Грција.
-Дел од падот на поддршката за СДСМ е резултат на падот на довербата кај етничките Албанци, откако изненадија на изборите во декември 2016 година со проценети 15 отсто гласови добиени од нив и постигната максимум доверба во февруари 2017 година (20,4 отсто). Веќе во септември 2017, пред локалните избори, имало пад на довербата на 15,1 процент, а на мајската анкета паднала на 13,2 отсто, што е компензирано со зголемена поддршка кај Македонците. Сега тој тренд е продолжен и изнесува само 8 проценти. Тоа сѐ уште е многу повеќе од бројката на ВМРО-ДПМНЕ од 0,9 проценти доверба кај Албанците, посочуваат од МЦМС.
Оттаму велат дека, од друга страна, има раст на довербата за ВМРО-ДПМНЕ кај Македонците: од 28 проценти  во мај на 32,8, што на некој начин ја потврдува тезата дека тоа е поради договорот со Грција. Тие што се против договорот, а минатиот пат не биле определени, сега се приклонуваат кон ВМРО-ДПМНЕ. Практично, 4,8 процентни поени напредок кај етничките Македонци, го носи целото нивно зголемување од 3,4 процентни поени.
Според проценките на МЦМС, можно е мало влијание да имале и случаите со тендерот на Министерството за здравство и со донациите од Фондот за иновации, но тие случаи не се одлучувачки.
Во оваа анекта на МЦМС нема параметри за рејтингот на политичарите, додека во во претходната сондажа – за годишнината на Владата, премиерот Зоран Заев беше убедливо најпопуларен политичар – со 24,1 отсто, а зад него заостануваа претседателот Ѓорге Иванов со 9,9 отсто и поранешниот премиер Никола Груевски со 6,1 процент, додека на Христијан Мицкоски поддршка му дадоа тогаш само 2,9 отсто од анкетираните.Со оглед на тоа што во изминатите три месеци, политичкиот фокус во земјава беше главно насочен кон постигнувањето на договорот со Грција и интеграциските процеси, прашање е како сите овие процеси се одразиле на  личните рејтинзи на партиските лидери и на највисоките носители на функции во државата. Прашање е исто така како ќе се одразат партиски рејтинзи на изјаснувањето на граѓаните на референдумот на 30 септември, иако дотогаш се очекуваат и други придвижувања кои ќе имаат влијание на доверба во политичките фактори. Дилемата е само во која насока.
Ако, пак, како параметар се земе последната анкета на МЦМС во делот на рејтинзите на партиите, проценките се дека  кога утре би се одржале парламентарни избори нивниот исход би бил неизвесен, со оглед на моменталната изедначеност меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Затоа, пак, многу веројатно е дека ДУИ и овој пат би се наметнала како одлучувачки фактор за формирање ново мнозинство. Од друга страна, во септември минатата година предноста на СДСМ пред ВМРО-ДПМНЕ беше само три проценти, за на крајот локалните избори во октомври, односно следниот месец, да завршат со убедлива предност на социјалдемократите и нивна победа во повеќето општини во државата. Со таа разлика што тогаш на чело на ВМРО-ДПМНЕ беше сѐ уште Груевски.
Александра М. Митевска