Штипски Суитлак останува да биде најголемата зелена површина


Локалната власт спречи изградба на станбени објекти во една од најубавите населби во градот, тоа е месноста Суилтак, информираше денеска градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски. Најголемиот парк во Штип, што се белите дробови на градот ќе си останат најголема зелена површина, наместо на него да никнат станбени згради.

– Претходната локална власт имала идеи во делот на генералниот урбанистички план во оваа зелена зона да изникнат станбени објекти.Сакам да потврдам дека во разработката на новиот генерален урбанистички план на новата локална власт и идејата за изградба на станбени згради е запрена. Повторно овој дел се враќа во намена Д, зеленило, спорт и рекреација, рече Бочварски.

Тој забележа дека општината има за цел овој дел од градот да се развива за спорт и рекреација и во компактибилните намени што ги предвидува Д намена. Во тек е повик за инвеститори, кои преку јавно-приватно партнерство ќе можат да го изградат Спортско рекреативниот центар Суитлак, каде што ќе има игралишта, угостителски објекти и хотели, но не и станбени згради.

Прашан за уривањето на летната бавча Бриони, Бочварски вели дека инвеститорот на овој угостителски објект во моментов почнува со изградба на нов угостителски објект и ќе го гради согласно урбанистичкиот план. Новиот Генерален урбанистички план на Општина Штип се очекува да биде готов и усвоен до средината на оваа година.