Штерјов: Во чие име Ристовски бара оставки?


Коле Штерјов, претседателот на Советот на обвинители, вели дека не знае во кое својство заменик-министерот за правда Оливер Ристовски бара оставки од него и од неговите колеги.
„Недопустливо е заменик-министер да се меша во работата на Советот на обвинители. Ристовски вели дека тоа е негово лично мислење дека треба да поднесат оставки. Меѓутоа, јавна изјава на член на извршната власт не може да биде негово лично мислење“, вели Штерјов за „Независен весник“.

Ристовски изјави вчера дека е запознаен со случајот во Советот на обвинители и дека лично очекува оставки од морални причини од обвинителите кои не се изземале кога требало да гласаат.
„Нема да се мешам во работата на Советот на обвинители. Јас лично сметам дека од морален аспект треба да си поднесат оставки“, изјави Ристовски.
За можен конфликт на интереси во Советот зборуваше минатата недела американскиот амбасадор во земјава Џес Бејли, посочувајќи дека јавноста немаше да биде информирана за тоа доколку за случаите не известувале неколку, како што рече, храбри медиуми. За изјавата на Бејли, Штерјов вели дека ја почитува, ама посочува дека амбасадорот се оградил и не навел конкретни случаи, туку дека се повикал на пишувања во медиуми. Дел од медиумите, според него, пишувале оркестрирано и се создавала атмосфера на хајка против Советот. (A.M.M.)