Шон Пол на 23 август со концерт во Скопје


Една од најголемите ѕвезди на денешницата, на дружба со македонската публика пристигнува директно од Кардиф, Велика Британија. Шон Пол ќе одржи концерт на 23 август на стадионот на АРМ во Скопје.

Повеќекратниот Греми добитник на скопскиот концерт доаѓа со својата комплетна екипа составена од врвни танчари и музичари. Влезниците за овој уникатниот настан во организација на Фјужн продакшн и Акаша букинг во претпродажба ќе бидат пуштени од денес, и тоа по специјално намалени цени, во ограничен број преку продажните мрежи на karti.com.mk и mktickets.mk, како и на kupikarti.mk.

Шон Пол Енрикес е роден на Јамајка. Потекнува од спортско семејство, и сосема логично било и тој да се занимава со спорт. Тоа всушност и го правел додека бил на возраст меѓу 13 и 21 година. Но тука завршува спортската приказна и покрај талентот, затоа што сфаќа дека негова љубов е всушност музиката. Првиот сингл го издава во 1996 година – „Baby girl (Don’t cry)“ со продуцентот Џереми Хардинг. Песната станува популарна и не само на Јамајка. 1999 година е година на негов пробив, а веќе во 2000 излегува деби студискиот материјал „Stage One“ и тогаш всушност и светот слуша за Шон Пол. Во 2002 година следува „Dutty Rock“ – албум кој се продава во 6 милиони копии. Една од темите „Get Busy“ три недели е на врвот на Billboard Hot 100 и една на Billboard’s Hot R&B/Hip-Hop.

Дуетската со Бијонсе „Baby Boy“ е на првите позиции девет и пет седмици. Во 2004 ја добива првата Греми статуетка за најдобар реге-албум. И тоа е само почеток, зашто во портфолиото на Шон Пол се запишани неколку Билборд музички награди за најпродаван реге музичар и реге албум; потоа за омилен поп или рок музичар на Американските музички награди, најдобар реге пејач на Јамајканските награди.
Не помалку успешен е и неговиот следен проект „The Trinity“ кој се продава во над 4,5 милиони копии.