Шлаканица од ЕУ за САД: Американците со визи во Шенген зоната од 2021 година


Државјаните на САД од 2021 година ќе мора да вадат визи за земјите од Шенген зоната, се наведува во денешното соопштение на Европската унија (ЕУ). Врз основа на новиот Европски систем за информации и одобрување на патувања ЕТИАС, документот ќе биде неопходен за Американците за влез во било која од земјите потписнички на Шенгенскиот договор.

Во дописот на ЕУ се истакнува дека воведувањето на новите регулативи е со цел да се избегнат нови проблеми со илегалната миграција и тероризам. Рокот на важност на ЕТИАС визата е три години. За Американците моментно не е потребна виза за Европа ако престојуваат помалку од 90 дена.

„ЕТИАС визата за Американци овозможува повеќе влезови со мали рестрикции во насока на унапредување на туризмот, а потоа и за одржување на високо ниво на меѓународна безбедност“, стои во соопштението.

За најголем дел од државјаните на ЕУ не е потребна виза за влез во САД што не важи за Полјаците, за Кипраните, за Романците, за Хрватите и за Бугарите.

Шенген областа ја сочинуваат 26 држави меѓу кои не постои интерна граница што овозможува слободно патување на луѓето.