Шкендија фаворит, Пелистер посакува изненадување


Пред утрешното финале на Купот на Македонија тренерите и капитените на финалистите, Пелистер од Битола и Шкендија од Тетово, одржаа заедничка прес-конференција.

Тренерот на „домаќините“ Неџат Хуесин смета дека Шкендија е голем фаворит пред утрешното финале.

– Актуелниот шампион тоа го покажа и низ првенството, каде што играше стандардно добро. Имаат една од подобрите екипи подолго време во македонската лига и несомнено се фаворити. Но, секогаш фаворитот не значи дека ќе победи во финалето на купот. Ние нема да дојдеме со бело знаме и ќе пружиме добар отпор. Очекувам добар натпревар, па нека победи подобриот, рече тренерот на Пелистер, Неџат Хусеин.

И фудбалерот на Пелистер, Благојче Марковски смета дека Шкендија е фаворит, но во купот имало изненадувања.

– Шкендија е секако фаворит, но се надевам на поволен резултат за нас, рече Марковски.

Тренерот на тетовчани, Ќатип Османи, смета дека купот е поразличен од првенството, бидејќи се игра само еден натпревар.

-Ние сосема сериозно го сфаќаме овој натпревар и сигурно дека посакуваме да победиме и да го освоиме купот, рече тренерот на Шкендија, Османи.

Капитенот на Шкендија,Ферхат Асани, го дели мислењето на својот тренер.

– Нашата цел оваа сезона е да ги освоиме двата трофеи. Едниот го освоивме, а утревечер сакаме да го земеме и вториот. За прв пат во историјата на клубот сакаме двете титули да ги донесеме во Тетово, рече капитенот Ферхат Асани.

Двесет и шестото финале на фудбалски куп на Македонија се игра утревечер на Градскиот стадион „Младост“ во Струмица со почеток во 20 часот.