Шкендија го сомeле Работнички


По двонеделна пауза поради настапите на репрезентацијата, македонските фудбалски прволигаши ги продолжија настапите во домашниот шампионат. На програмата беа натпреварите од 5. коло, во кое најмногу внимание привлече мечот во Тетово меѓу шампионот Шкендија и до вчера водечкиот Работнички. Тетовци беа убедливи, победувајќи со 6-2 (3-1). „Романтичарите“ поведоа во 11. минута со голот на Петар Петковски, но следуваше пресврт за три минути: Гледи Мици израмни во 37., Бесарт Ибраими му донесе предност на својот тим во 38., а Бесмир Бојку во 40. ги тргна сите евентуални сомнежи околу победникот. Во второто полувреме, Себастијан Херера стрелаше во својата мрежа за 4-1, Оливер Пеев доби црвен картон, но и со играч помалку, Работнички намали преку Остоја Стјепановиќ. Во последните петнаесетина минути, Ибраими постигна уште два погодока.

Поради безбедносни проценки, Вардар му беше домаќин на Шкупи на стадионот „Борис Трајковски“ во Маџари. Сержињо ги доведе чаирчани во водство во 28 минута, но во второто полувреме Вилијан Лира во 55. и Евгени Новак во 62. му ги донесоа трите бода на Вардар. Академија Пандев забележа уште една победа, со која се искачи на врвот од првенствената табела. Љупчо Дориев во 61 минута од пенал и во 89. и Томе Илиев во 76. погодија за три бода против Силекс. Победа во Битола (стадионот во Прилеп се реновира) славеше против Ренова (Бурхан Мустафов во 9. минута), додека Македонија и Беласица одиграа без голови во Ѓорче Петров.

Резултати: Шкендија – Работнички 6:2, Вардар – Шкупи 2:1, Победа – Ренова 1:0, Македонија ЃП – Беласица 0:0 и Академија Пандев – Силекс 3:0.

Табела: Академија Пандев 12, Шкендија 11, Вардар 11, Работнички 9, Победа 8, Силекс 5, Ренова 4, Македонија 3, Шкупи 2, Беласица 2.