Шилегов си го бара долгот од СРЦ „Борис Трајковски“


 

Градските власти се надеваат дека од годинава во касата ќе почнат да им се слеваат пари од Владата, кои таа им ги должи по основа на сопственичкиот удел на Градот во спортскиот комплекс „Борис Трајковски“, кој од градска сопственост премина под државна капа. Поранешната влада му останала должна околу 4 милиони евра на Град Скопје. Долгот практично е стар 10 години. Претходната градска власт и Владата во неколку наврати потпишуваа договор за исплата на долгот, но и после толку време тој не е исплатен.

Нејасно ми е како некој 10 години не успеал да ги врати парите. Па, по денар да враќаа, досега ќе ги вратеа. Неодамна имав средба со Министерството за финансии и ги замолив да направиме прераспоредување на средствата, односно да ја забрзаме исплатата. Очекувам годинава долгот да почне да се враќа и тоа поинтензивно, односно да се исплати во рок од три буџетски години почнувајќи од годинава“, вели градоначалникот Петре Шилегов. Според негови сознанија, последниот меморандум за сервисирање на долгот бил потпишан пред 1 или 1,5 година, при што било договорени да се отплаќаат по 65 милиони денари годишно.

Пред еден месец од Град Скопје за „Независен весник“ информираа дека Советот на Град Скопје има донесено две одлуки за наплата на сопственички удел во спортската сала  ВИП-арена „Борис Трајковски“ во износ од 260 милиони денари, со кои бил регулиран рокот и начинот за исплата на уделите. „Поранешниот градоначалник и поранешната влада потпишале меморандум со кој е договорено уделите на градот во истиот износ да се исплатат најдоцна до 2019 година. Досега нема уплатено средства по оваа основа“, нѐ информираа градските власти. Тоа практично бил втор договор за исплата на отштетата, откако Владата не го испочитувала првиот потпишан во 2009 година. Со него беше предвидено парите да се исплатат на четири еднакви рати, заклучно со 2016 година.

Коце Трајановски и тогашната владата не сакаа да зборуваат на оваа тема. Во неколку наврати случајот го актуализираше тогашната опозиција и тоа на седници на советнички прашања на Совет на Град Скопје. Случајот беше на удар на јавноста, а лавина критики се испраќаа на владина адреса.

Значи, имаме заштедено пари, тоа е добро, исто како да ги чуваме во банка“, често одговараше градоначалникот Трајановски. Во меѓувреме, Градот секоја година дури и го планираше долгот како сигурен приход во буџетот, но залудно. Од Владата за невратениот долг најчесто се правдаа дека имале и така премногу давачки за Град Скопје, па парите за салата можеле и да почекаат.

СРЦ „Борис Трајковски“ почна да се гради на почетокот на 2004 година, со пари од градскиот буџет, во времето на градоначалникот Ристо Пенов. Требаше да се реализира за една година, но плановите не се остварија. Започнатиот проект го продолжи градоначалникот Трифун Костовски. Всушност, во негово време Град Скопје и Владата потпишаа договор за примопредавање на салата. Беше формирано заедничко друштво „Борис Трајковски“ кое раководеше со објектот, а секој од инвеститорите доби соодветен број акции во него, според парите што ги вложил. Откако објектот премина под државна капа, Владата се обврза да му плати отштета на Град Скопје за уделот што локалната власт го имала во изградбата.

Деспина Трајковска-Димова