Шилегов планира да отвори елитна математичка гимназија


Градоначалникот Петре Шилегов планира да отвори математичка гимназија во Скопје. Ова го најави градоначалникот на последната седница на Советот наменета за советнички прашања одговарајќи на прашање за состојбите во образованието. Гимназијата со насочено образование, би била еден вид расадник на математички умови.

„Ја замислувам како елитна математичка гимназија, во смисол елитна каде би имало место за посебно надарени математичари, каде дополнително би се стимулирале“, дополни градоначалникот. Начелно, се разгледува опцијата гимназијата да се наоѓа во Општина Аеродром.

Од Град Скопје денеска немаа поопширни информации за идејата на градоначалникот, сѐ уште било рано да се разговара на таа тема, иако е дел од агендата на првиот човек на Скопје.

Град Скопје, како основач на средните училишта, има ингеренции за отварање нови паралелки, односно средни училишта. Последно ново отворено училиште за средно образование е гимназијата „Сарај“ во Сарај каде се следи настава за повеќе образовни профили. (Д.Т.Д.)