Шилегов за „Етнос“: „Плановите на Груевски нѐ вратија назад“


Иднината на Скопје се наоѓа во европското општество, истакнал скопскиот градоначалник во интервјуто под наслов „Плановите на Груевски нѐ вратија назад“, објавено во денешното издание на грчкиот весник „Етнос“.

Во интервјуто Шилегов објаснува дека уште пред да стане градоначалник бил свесен за предизвиците со кои што ќе се соочи, но дури по преземањето на должноста, сфатил колку многу треба да му се помогне на градот.

„Сакам граѓаните, до крајот на мојот мандат, да видат дека им се подобрува квалитетот на животот, далеку од изопаченото бронзено минато, градејќи европска иднина. Затоа, на почетокот од мојот мандат, веднаш ја запрев изградба на 95 барокни фасади на згради. Средствата наменети за ова, беа редистрибуирани за реконструкција на средни училишта во Скопје и за изградба на енергетски ефикасни фасади. Тоа е разликата: енергетски фасади и барокни фасади. Суштина наспроти шминка. Ја заменивме, изолацијата на градот од нашите соседи, со соработки и отворен пристап. Иднината на Скопје се наоѓа во европското општество“, вели Шилегов за „Етнос“.

Скопскиот градоначалник, објаснува дека градоначалниците директно не учествуваат во преговорите меѓу двете земји, но вели дека е добро да се потенцира дека „дури и во клучните моменти, двата града имаат сила да им дадат еден сосема различен тек на работите, во духот на регионалната соработка и регионалниот развој“.

Во интервјуто, акцентот е ставен на проектот „Скопје 2014“, за кој, Шилегов вели дека Груевски го искористил за да ги суспендира демократските и човековите права, но и за да го сврти вниманието на народот од вистинските проблеми на државата и граѓаните.

„Дури и атмосферското загадување што е најголемиот проблем на градот, за време на тој период, беше засенето од изградбата на споменици, од барок изгледот на зградите и бродовите – галии во реката, од некој, за нас непознат период, бидејќи никогаш не биле користени за време на нашето богато културно и историско минато. Проектот ‘Скопје 2014‘ чинеше над 500 милиони евра и беше архитектонска шминка и уништување на квалитетот на архитектонските вредности“, изјавил скопскиот градоначалник.

Шилегов во интервјуто, објаснува дека веќе е формирана комисија што ќе даде мислење во однос на евентуалното отстранување на одредени споменици, бидејќи вели дека станува збор за чувствително прашање, за кое не може да одлучува сам, затоа што ако одлучи сам нема да биде по ништо поразличен од оние што го создадоа проектот на особено нетранспарентен и нелегален начин.