Шилегов го чисти Вардар да спречи евентуални поплави
Градските власти почнаа да го расчистуваат коритото и насипите на Вардар како би спречиле евентуални поплави од нови поројни дождови. Изминатиов викенд, излевањето на реката во близина на првата галија каде почна да се гради Панорамското тркало, е главната причина за оваа вонредна акција на Град Скопје.
„Целта на оваа акција е намалување на опасностите од излевање на Вардар после поголеми дождови. Безбедноста на граѓаните нема цена. Градот Скопје ќе направи се што е во рамките на неговата надлежност да ги заштити граѓаните од поплави и други несакани последици“, изјави денеска градоначалникот Петре Шилегов. Најави дека акцијата, која ја изведуваат екипи на ЈП„Улици и патишта“, ќе трае до целосно расчистување на насипите и коритото од градежен шут и други вид отпад.
Ќе се расчистува во строгиот центар на градот, во делот од коритото меѓу мостот „Гоце Делчев“ и Камениот мост, поточно кај првата галија, каде што е најтесно грлото на реката и постои можност водата да се излезе.
Скопскиот градоначалник информираше дека на претпријатието „Бетон“ како изведувач на Панорамско тркало му е наложено да го среди своето градилиште и да обезбеди максимална проточност на коритото во делот на пешачкиот мост. (Д.Т.Д.)