Шилегов: Годинава ќе почне гасификацијата во Скопје


Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов денеска изјави дека очекува годинава да почне гасификацијата на градот во деловите кои не се опфатени со централното греење и да се зголеми енергетската ефикасност на објектите кои се под градот Скопје.

Шилегов најави дека на таа тема в четврток ќе има состанок со градоначалниците на скопските општини и со Секторот за енергетика.

„Едноставно тоа е борба во која веќе востановената и утврдената стратегија од моја страна како градоначалник во соработка со другите институции започнуваме да ја имплементираме и очекуваме на среден рок дека Скопје веќе нема да биде загаден град“, рече Шилегов.

Посочи дека Град Скопје отворил фронт на повеќе среднорочни мерки меѓу кои е и режимот на функционирање на возилата, и дека притоа очекува да има целосна поддршка од Министерството за внатрешни работи и дефинитивно промена на концептот на загревање на домовите во градот Скопје како еден од главните причинители на аерозагадувањето.