Шилегов: Гасоводот е како бременост што не може да се прекине


Еколошките здруженија и институциите се сретнаа уште еднаш на дебата за трасата на гасоводот низ Водно и повторно излегоа убедени, секој во своите ставови. Договорија нова, трета по ред средба, но овој пат во организација и под услови на невладините организации.

На втората дебата, која се одржа на Средно Водно, се соочија „Го сакам Водно“ со заменик-министерот Јани Макрадули, градоначалникот Петре Шилегов, директорот на МЕР, Бајрам Реџепи, како и експертката Магдалена Трајковска, изработувач на студијата за оценка на влијанието врз животната средина. Екологистите повторија дека не се против гасификација на земјата, но сè уште бараат промена на трасата низ Водно и побараа институциите да понудат компаративна анализа, и да ги убедат зошто патот низ планината е единствениот и најдобар избор.

„Влијание врз животната средина, без разлика дали ќе биде мало или големо, ќе има, а сеча во заштитено подрачје не смее да има. Затоа бараме одговор на прашањето зошто Водно е единствениот избор“, посочи Татјана Стојановска од „Го сакам Водно“ и побара целиот проект да биде стопиран сè додека не заврши процедурата за заштита на планината, па постапките да продолжат во рамките кои таа ќе ги предвиди.

Градоначалникот Шилегов, пак, на прашањето на екологистите даде сликовит одговор.

„Состојбата со гасоводот ја начекавме како несакана бременост во поодмината фаза, во која абортусот е критичен за животот на мајката и детето“, објасни Шилегов и уште еднаш повтори дека, иако лично не се согласува, како градоначалник мора да ги почитува преземените обврски и издадените одобренија. Тој рече дека, иако процесот е отиден предалеку, е задоволен што го извлекол оптимумот за Скопје, преку средствата за ревитализација на трасата.

Експертката Магдалена Трајковска рече дека студијата покажува дека влијанието на изградбата на гасоводот ќе биде локално и краткотрајно, но со мерките за ревитализација ќе се надминат, заради што генерално гасоводот нема да придонесе за сериозно нарушување на животната средина.

За екологистот Андреа Јанков проблем е фактот што одобрението за градба во 2016 година Министерството за транспорт и врски го издало за помалку од еден месец, а јавните дебати се одржале во полутајност. Тој предложи државата прво да ја изгради секундарната мрежа, па потоа и магистралниот гасовод.

Заменик-министерот Макрадули истакна дека досега на Водно не е исечено ниту едно дрво, а треба да се исечат 1.400 кубни метри, што е еднакво на количината што 150 семејства ја горат како огревно дрво во текот на една зима.

„Од друга страна, 40.000 домаќинства во Полог чекаат гас, како опција за да ги заменат дрвата како средство на загревање. Да не зборуваме дека и во Скопје, 45 отсто од домаќинствата сè уште го користат овој енергенс“, посочи Макрадули.

На неговата забелешка за сечата, пак, екологистите го демантираа и изнесоа свои податоци дека од март досега на Водно се исечени над 70 дрвја.

„Јас сум сведок на сеча на пет дрвја, за што имам и снимки“, рече активистот од Велес, Игор Смилев.

Сања Наумовска