Шилегов: Во ЈП „Водовод“ ангажирани се 13 адвокати и 12 нотари, порано еден ги земаше парите


Во ЈП „Водовод и канализација“ ангажирани се 13 адвокати и 12 нотари, за разлика од порано кога само еден нотар и двајца адвокати ги вршеле сите работи, информираше градоначалник Петре Шилегов, одговарајќи на советничко прашање на советникот Михајло Маневски. Тој се интересираше колку луѓе се избркани од работа во ова претпријатие, на колку не им се продолжени договорите и колку од нив биле прераспределени на други, пониски работни места. Маневски, поставувајќи ги прашањата, индиректно искажа сомнеж дека во ЈП „Водовод и канализација“ се вршела прераспределба на вработените поради нивната политичка определба.

„Колку нови вработувања има во ’Водовод‘? Дали новиот директор има ангажирано адвокат во претпријатието и колку му се плаќа?“, праша Маневски.

Градоначалникот Шилегов, кој одговори во името на директорот на претпријатието кој беше оправдано отустен од седницата, рече дека ниту еден вработен не е избркан, а не биле продолжени истечените договори на оние кои се вратиле пред изборите.

„Дали вие сте вработувале по политичка линија, па сега мислите дека има политичка чистка, не знам. Дел од вработените се распределени на други работни места според нивните квалификации и систематизацијата која ја наследивме. Што се однесува до адвокатски услуги за извршување наплата, сега тоа го вршат 13 адвокати и 12 нотари и за нив според сработено се врши исплата за што годишно се предвидени 60 милиони денари. Порано само еден нотар ја вршел оваа работа и е прв по заработка во нотарската комора и двајца адвокати“, рече Шилегов. (Д.Т.Д.)