Шилегов во петок во Атина ќе се сретне со колегата Каминис


Скопскиот градоначалник Петре Шилегов во петок ќе се сретне со својот колега од Атина, Јоргос Каминис. Средбата, која ќе се одржи во грчката престолнина е на покана на атинскиот градоначалник во рамките на политиката за соработка меѓу градовите, соопштуваат од Атина.

Предвидено е градоначалниците да потпишат меморандум за соработка во повеќе области и размена на искуства. Тоа, по некое непишано правило, е прв чекор за збратимување помеѓу градовите. Досега, нниту една македонска и грчка општина немаат официјализирано соработка, односно не зе збратимени.

По средбата, која е предвидено да започне во 10 часот во зградата на Општина Атина, Шилегов и Каминис ќе дадат изјава за медиумите.

Инаку, ова е прва официјална посета на Шилегов на јужниот сосед. Поранешниот градоначалник на Скопје, Коце Трајановски, оствари посета на Атина во 2013 година каде учествуваше на 15. Конференција на Унијата на главни градови на земјите на Централна и Југоисточна Европа. Тогаш Трајановски го покани Каминис да го посети Скопје, а тој иако ја прифати поканата, се уште официјално не го посетил македонскиот главен град. (Д.Т.Д.)