Шеќеринска: 90 проценти од времето на лидерските средби беше потрошено на барањето за амнестија


Одговорно тврдам и барам јавно да ме демантираат дека 90 проценти од времето на лидерските средби беше потрошено на барањето на ВМРО-ДПМНЕ за амнестија, изјави вицепремиерката и министер за одбрана Радмила Шеќеринска во интервју за телевизијата Канал 5.
Појасни дека барањето не било преку чин на амнестија, туку преку измена на членот 353 од Кривичниот законик, кој ја дефинира злоупотребата на службена должност, а потоа и еден мал обид тоа да се направи и преку измена во Законот за финансирање на политичките партии.
– Единствениот интерес кој го имаа на таа маса беше да се промени Кривичниот законик за да паднат во вода клучните обвиненија кон првите луѓе од поранешното раководство во ВМРО-ДПМНЕ. Ние рековме дека со тоа не се согласуваме, и дека нема да дозволиме заради референдумот да бидеме уценети со амнестија, изјави Шеќеринска.
Кога ВМРО-ДПМНЕ требаше да одлучи, продолжи таа, дали повеќе да мислат на државата или на поранешната врхушка, тие го избраа второто.
– Очекуваме секој од членовите на Парламентот да донесе одлука која е добра за државата. Членот 353, нема што да го дискутираме ако ВМРО-ДПМНЕ не бараше амнестија. Таков тип на уцени се лоши за ВМРО-ДПМНЕ, таков тип на уцени се лоши за СДСМ, но таков тип на уцени се катастрофа за оваа држава, рече Шеќеринска.
Прашана за злоупотребата на армиски хеликоптер, Шеќеринска, рече дека граѓаните очекувале промена и таа промена постои и се гледа во тоа што јавноста е многу гласна и критична.
– Граѓаните поставуваат прашања, новинарите добиваат одговори. Мислам дека оваа промена е апсолутно добра и покажува колку Македонија се променила. Ние веднаш ја дадовме информацијата, која што се надевав дека ќе го прекине ширењето на лажни вести. Фактите се следни. Македонија денеска на неколку држави им обезбедува обука на нивните питомци во воената академија, а само на Црна Гора во Центарот за обука на пилоти. Државната делегација на Црна Гора во посета на Македонија, ги посети не само Криволак, туку и Центарот за обука на пилоти и користеше армиски воздухоплов за превоз и до Охрид. Факт е дека тоа е стандардно однесување, рече Шеќеринска.