Шекеринска од Радовиш: На Македонија и треба успех


На Македонија и треба успех. Треба да добие сила. Треба да направи успех. Треба да исчекори напред за сите овие деца и млади, кои што не гледаат и ни велат сакаме подобро и сакаме повеќе, порача министерката за одбрана Радмила Шекеринска на вечерашната граѓанска трибина „Излези за европска Македонија“ што се одржа во Радовиш.

Додаде дека уште во 2005 година, кога работела во тогашната Влада заедно со многумина паметни и вредни луѓе сакале да направат нешто вредно со што сите ќе се гордеат и на Македонија да и обезбедат членство во ЕУ.

– Против сите прогнози за помалку од три години успеавме Македонија да ја направиме земја кандидат, заедно со Хрватска и пред сите останати. Помина време и многу вода протече, а ние останавме на истото место, а другите ставија во трета, четврта  брзина и не претекнаа и денес  се членки на НАТО и на ЕУ. Како што тогаш преземав завет и лична обврска, така и денес овде во Радовиш сакам да кажам дека ова го чувствуваме како долг, како задача пред Македонија час поскоро ќе ја внесеме Македонија во НАТО, час поскоро ќе станеме триесетта членка, потенцираше Шекеринска.

Пред присутните граѓани министерката за одбрана рече дека не треба да размислуваме за поголема  туку за подобра држава, за држава која ќе се грижи за сите граѓани.

Таа во продолжение на своето обраќање рече дека граѓаните се свесни за историската шанса и историската одговорност која што ја имаат, но и дека има граѓани кои имаат дилеми како ќе влеземе во НАТО и ЕУ, со што, со чист образ и со кренато чело?

– Ќе влеземе како Македонци кои зборуваат македонски јазик. Ќе влеземе како Македонци горди на својот идентитет, традиции и обичаи, ќе влеземе како Европјани, кои што знаеле да ја ценат својата историја, ама знаеле и да гледаат напред и да ги решаваат проблемите. Ќе влеземе како луѓе кои што решаваат проблеми. Ќе влеземе како луѓе кои сакаат подобра иднина, ќе влеземе како луѓе кои заслужиле да станат членка на ЕУ и НАТО, рече Шекеринска.

Им порача на граѓаните да не седат мирни до 30 септември и дека европските политичари – Курц, Столтенберг, Меркел или некој друг нема им ја завршат работата, бидејќи тие дошле и ја отвориле вратата за земја која сака каде да оди напред и заслужува да има отворени врати.

На трибината говореа и градоначалникот на Радовиш, Герасим Конзулов и заменик генералниот директор на Рудникот „Бучим“, Николајчо Николов.