Шекеринска: Најпатриотски чин е да направиме се Македонија да стане дел од НАТО и ЕУ


Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска денеска го посети Радовиш, каде се сретна со градоначалникот, и со граѓаните на општината од каде испрати пораката за обединување и порака за, како што рече, вистинска одлука на 30 септември.

– Нашата татковина Македонија помина низ убави, но и низ многу тешки моменти. Се мачевме заедно, стравуваме, видовме што значи да си сам и оставен од останатите. Видовме што значи да државата да биде изолирана и да нема перспектива и за тоа плативме голема цена, рече Шекеринска.

Сега, додаде таа, ја добиваме шансата да го надоместиме пропуштеното, ја добиваме шансата Македонија да стане членка на НАТО и да почнеме преговори со ЕУ.

– Ја добиваме шансата да бидеме дел од двата најмоќни и најуспешни сојузи, рече министерката, и дополни дека Македонија секој ден добива околу 260 илјади евра неповратни средства од Унијата, но и дека како членка многу повеќе европски пари ќе може да искористи за улици, за бизниси, за подобро образование, за подобра социјална заштита.

Според неа, договорот со Грција ни дава шанса на европско и светско ниво да го заштитиме нашиот македонски идентитет и да го заштитиме, потврдиме, засилиме нашиот македонски јазик.

– Со членството во НАТО и ЕУ, македонскиот јазик ќе биде рамо до рамо со најголемите, најважните, најчесто користените јазици како официјален јазик на Европската Унија, рече министерката за одбрана.

На 30 септември, според неа, одлуката ќе ја носат граѓаните на Република Македонија, но, како што рече, само оние кои ќе го искористат своето право на гла.

– Затоа повикуваме на голем одзив, повикуваме на поддршка на нашата амбиција да станеме членка на ЕУ и НАТО. Повикуваме Македонија да ја направиме безбедна и подобра земја за живеење, рече Шекеринска.

Таа во текот на денов се среќава со пензионерите, борците, граѓаните и со спортисти од Радовиш а вечерва ќе учествува на трибина со радовишани.