Шекеринска: Македонија и ЕУ не смеат да ја пропуштат сегашната шанса


Македонија и ЕУ не смеат да ја пропуштат сегашната шанса, порача денеска вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска во Париз, каде учествува на годишниот состанок на Европскиот совет за надворешни работи (ECFR).

– Македонија не може да ја пропушти оваа можност, но се надевам дека и ЕУ нема да ја пропушти оваа можност. Статус-квото никогаш не е опција за Западен Балкан. Или ќе одиме напред или ќе се вртиме во круг со истите проблеми, додаде таа.

Во рамки на состанокот се одржа панел дискусија за Западен Балкан и ЕУ – „Western Balkans: The EU and Great Power Competition“, на која Шекеринска се осврна на состојбите во земјава и регионот и потребата од интегрирање на Македонија и Западен Балкан во ЕУ.

– Франција во овие моменти им е потребна на Македонија и на регионот. Сега е моментот кога треба да се дејствува бидејќи ако сега се пропушти можноста тоа ќе значи уште една изгубена декада и тоа не само за регионот туку и за Европа, рече Шекеринска.

Во врска со спорот за името Шекеринска рече дека двајцата министри дојдоа до извесна рамка за компромис и дека Владата е цврсто решена да не бега од овој проблем.

– Верувавме дека решавањето на проблемите дома и со соседите е најкусиот пат до почнување на преговори за членство во ЕУ и во НАТО. Кога првпат застанавме на ЕУ патеката слушнавме дека Европската комисија и ЕУ се строги, но фер. Но она што го гледаме денеска е дека ЕК и ЕУ се строги, но полни со сомневања, посочи министерката Шекеринска.

Министерката рече дека Владата изминатата нецела година постигнала напредок во сите три клучни области – медиумските слободи, реформи во разузнавачкиот сектор и следење на комуникациите, владеење на правото и справување со корупцијата.

Таа додаде дека ЕК го нотирала овој напредок и согледала дека во земјата има политичко водство кое сака да прекине со минатото.

На панелот посветен на Западниот Балкан зборуваа и Михаел Рот, државен министер за Европа во германското Министерство за надворешни работи, претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Албанија Еди Рама.

Министерката Шекеринска е прв политичар од Република Македонија, која доби покана да биде член од оваа влијателна европска тинк-тенк организација, соопшти Министерството за одбрана.

Шекеринска стана дел од ECFR на почетокот на април оваа година, по поканата која беше упатена до неа од страна на тричлената група ко-претседавачи со бордот на Советот, предводена од поранешен шведски премиер Карл Билт.

Европскиот совет за надворешни работи е една од највлијателните европски тинк-тенк организации за поттикнување кохерентна и ефикасна надворешна политика базирана на европски вредности и е платформа за комуникација на лидерите и размена на идеи за европската политика.

На состанокот во Париз министерката Шекеринска се сретна и разговараше со влијателни креатори на мислења посветени на Европа и нејзината улога во светот, се додава во соопштението.