Шекеринска: Искуството на Црна Гора мотив и инспирација за членството во НАТО


Македонија и Црна Гора имаат одлична соработка, особено во одбраната, која и натаму ќе се развива, бидејќи тоа е рационално, прагматично и логично за двете земји, истакна денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска по средбата со министерот за одбрана на Црна Гора, Предраг Бошковиќ, во Центарот за обука на воени пилоти.
Министерот Бошковиќ се наоѓа во посета на црногорските војници во Македонија.
– Регионалната соработка и соработката меѓу сојузниците, а особено во рамките на НАТО е плус за секоја држава. Така, Македонија профитираше од можноста дел од нашите војници и офицери да добиваат специјализирани обуки во Црна Гора. Затоа нашата Воена академија профитира од можноста питомци од Црна Гора да ги користат услугите на Воената академија и нашата соработка и во Центарот за пилоти, но и соработката во реалната воздухопловна обука е корисна и за нашата држава и за Црна Гора, истакна Шекеринска и додаде дека тоа е еден од принципите на НАТО да се споделуваат капацитетите и да не се дуплираат ресурсите.
Шекеринска информираше дека со министерот Бошковиќ размениле информации за повеќе прашања.
-Искуството кое го има Црна Гора е мотив и инспирација дека вратите на НАТО се отворени и дека земјите како Македонија и Црна Гора и покрај сите предизвици можат да успеат во зацртаното, истакна министерката Шекеринска.
Таа се заблагодари на поддршката од Црна Гора во пресрет на Самитот на НАТО кој, според неа, беше историски момент за Македонија, бидејќи добивањето на НАТО поканата ја чекавме 10 години.
Министерот Бошковиќ рече дека Црна Гора има многу добри билатерални односи со Македонија како со ниедна друга држава во регионот и во светот и информираше дека откако Црна Гора минатата година влезе во Алијансата со најмоќниот воен сојуз во светот и дека бенефитите од тоа се повеќекратни.
– Регионот покажа дека сам тешко може да се избори со многу коренити историски случаи и со многу различна нестабилност и со ризиците со кои неодамна се соочи. Регионот, пред се, треба да се посвети на економскиот развој и остварувањето на подобар живот за секој граѓанин на Западен Балкан. А за да се посвети на тоа, пред се, треба да биде безбеден со почитување на човековите права, а тоа единствено во моментов е возможно со членството на сите држави во Алијансата, истакна Бошковиќ.
Додаде дека токму поради тоа Црна Гора е најголем заговорник за членството на Македонија во НАТО.
Бошковиќ порача дека последната година, откако Црна Гора се зачлени во Алијансата, има значителни бенефити во економијата, од целосно намалени политички тензии до економски раст.
Одговарајќи на новинарски прашања, министерката Шекеринска рече дека поради затекнати проблеми со свечените униформи, што повеќе пати беа промовирани и во моментов дел скапуваат во магацини, министерството ќе ги докомплетира и ќе ги стави во функција.
– Клучниот фокус на министерството и на Армијата е теренската униформа. Ние оваа година ги обезбедивме парите во Буџетот, го објавивме тендерот, но за жал, само една компанија имаше понуда која ги исполнуваше сите критериуми, но парите кои ги побараа беа повисоки од планираните, истакна Шекеринска и додаде дека се повторува тендерот и дека се очекува на 4 септември да бидат отворени пристигнатите понуди, а до крајот на годината тој дел на набавката да биде завршен.
Одговарајќи на прашање што ако Македонија не влезе во НАТО, министерот Бошковиќ рече дека што и да се случи во регионот не може да се гледа како на изолиран случај, бидејќи сме поврзани и нестабилноста во Македонија секако би се почувствувала во Црна Гора, Косово, Србија. Секако тоа важи и за БиХ, Албанија и други.
– Сигурен сум дека Владата во Скопје добро ги има проценето своите можности и потенцијали дека референдумот кој е закажан за 30 септември ќе успее и дека многу брзо ќе ја имаме Македонија во полн капацитет како полноправна членка во НАТО. Најважно е дека Македонија многу пред Црна Гора го помина тој реформски пат, а во 2009 година го заврши првиот дел од тие реформи и да не беше ветото на Грција сигурно денеска ќе разговаравме како Македонија полноправна членка на НАТО, истакна Бошковиќ.