Шекеринска: ВМРО-ДПМНЕ нема став за референдумот затоа што нема аргументи против


Потпретседателката на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска како неодговорна и несериозна ја оценува одлуката на ВМРО-ДПМНЕ да нема конкретен став за претстојниот референдум затоа што, како што рече, се работи за историска шанса, кога сите заеднички треба дадат придонес во решавањето на важно прашање.

– Раководството на ВМРО-ДПМНЕ за сите овие години велеше дека граѓаните ќе одлучат за името на референдум, а сега кога има референдум тие бегаат и велат дека немаат став. Кога во политиката немате став, значи дека немате аргументи, односно дека знаете оти сте на погрешната страна, истакна Шекеринска.

Посетите на Македонија што во изминатиот период ги прават важни политички личности од НАТО и ЕУ, според Шекеринска, е уште една потврда дека државата е насочена кон вистинскиот правец, поради што ја добива таквата поддршка.

– В понеделник во посета ни доаѓа првиот човек на Пентагон, првиот човек на најмоќната армија во светот Џејмс Матис, што се случува првпат во последните 14 години. Заборавивме како изгледа посета на министер или секретар за одбрана на САД, иако оваа држава е наш стратешки политички и воен партнер. Тоа покажува колку е голем интересот за нас и поддршката за она што ние го сработивме во последната година, додаде Шекеринска.

Освен посетата на Матис, наредната недела во посета на Македонија ќе дојдат уште двајца министри за одбрана од земји членки на ЕУ за да дадат поддршка референдумот да успее.

Според Шекеринска, светот ги отворил вратите за нас, но сега останува граѓаните на Македонија да одлучат дали таа шанса ќе ја искористат.