Швајцарски ФОС има план за рестартирање на ФЕНИ


Швајцарскиот инвестициски фонд, ФОС, еден од потенцијалните инвеститори кој има потпишано Меморандум за разбирање со банките доверители, има план за рестартирање на Комбинатит и подготвен е да се посвети на потребните инвестиции во фабриката.

Во соопштението од Фондот наведуваат дека потпишувањето на Меморандумот за разбирање со банките и депонирањето средства за започнување на операциите во ФЕНИ ја покажува нивната сериозност за преземање на фабриката и таа да стане најголемиот производител на фероникел во Европа.

– Имаме финансиски капацитет да инвестираме во ФЕНИ, бидејќи во овој момент само влезот на сериозни финансиски средства и инвестиции може да направи значајна разлика во работењето. Ова е сериозен бизнис и како таков бара сериозни инвестиции и оператори. Нашето докажано искуство во оваа индустрија е неопходно за успешно да го реализираме овој план: успешно ги преструктуиравме операциите и управувавме со рудник и фабрика за производство на фероникел со Фалкондо во Доминиканската Република, откако го купивме од Glencore во 2015, вели Маркос Камхис, основач и извршен директор на ФОС Асет Менаџмент

Додава дека имаат план веднаш да го рестартираат ФЕНИ, постепено да ги прошируваме операциите и да остваруваат дополнителни вработувања на долг рок.

– Веќе го направивме бараниот депозит од страна на банките, согласно нашите обврски во Меморандумот за разбирање. Многу сме среќни што платите на вработените беа исплатени оваа недела, изјави тој.

За ФОС, ФЕНИ е фабрика која има иднина. – Ние ќе ги задржиме сите вработени, а на долг рок планираме и нови работни места, рече Камхис, истакнувајќи дека нема да увезуваат менаџери за работа во фабриката, туку дека нивниот план е да ги задржат луѓето кои со години работат и имаат искуство, да бидат ставени на раководни позиции.

ФОС Асет Менаџмент е швајцарска овластена инвестициска компанија, специјализирана за приватен капитал, недвижен имот и финансиски услуги. ФОС е регистрирана инвестициска компанија според швајцарското право и е член на швајцарското регулаторно тело за компании за управување со средства. Тимот на ФОС се состои од професионалци за овој тип инвестиции и советува портфолио од повеќе од една милијарда долари