Четврта хајка на штетен дивеч, убиен првиот волк годинава
Прилепското ловечко друштво „Мукос“ во денешната хајка на штетен дивеч во реонот на селото Дупјачани, застрела шест лисици и еден волк.
Ова е четврта хајка на штетен дивеч која ја организира прилепското ловечко друштво во рамките на годишната законска програма за заштита на ловниот ревир, населението и на добитокот од напади на штетниот дивеч.
Според Јане Стевананџија, секретар на ловечкото друштво „Мукос“ хајката на штетен дивеч е од 16 јануари и трае до 31 март.
– Ова е редовна годишна хајка на штетен дивеч. Во досегашните четири организирани хајки во реоните на селата Тополчани, Ерековци, Беловодица и Дупјачани се уништени 21 лисица и еден волк во денешната организирана хајка, што е и првиот годинава. Лани билансот беше 30 лисици и 10 волци. Инаку најчести реони каде има напади на штетниот дивеч во Прилепско се околу селата Топлица, Витолиште, Полчиште и Мелница, Мариовско, вели Стевананџија.
Иван Шутески долгогодишен ловџија инсистира да се спроведе хајка на штетен дивеч и во реонот на прилепските села Оревоец и крстец зашто веќе има штети.
– Ова зима јас имам видено четири волци во овие реони. Секоја вечер напаѓаат. Мене ми убија и изедоа две ловечки кулиња-загари. Еден од волците веќе редовно го има во реонот, вели Шутески.
Убиениот штетен дивеч од ловечкото друштво, според прописите го носат во Агенцијата за храна и ветеринарство да се провери, пред, се од беснило. Инаку, за еден убиен волк од Министерството за земјоделство се плаќа отштета од 3.000 денари, а за лисица од 600 до 900 денари.
Прилепското ловечко друштво „Мукос“ под концесија има 13 ловишта за крупен и 11 за ситен дивеч на ловна продуктивна површина од 11.347 хектари.
Инаку, во последно време има експанзија на ловниот туризам и на гости-ловци од повеќе земји.
– Годишно доаѓаат околу 300 ловни туристи. Преку целата година доаѓаат во ловен туризам од Грција, Бугарија, од Италија, Франција. Имаме најава и од Шпанија. Главно на прелетен и автохтон дивеч. Инересот е многу зголемен зашто пелагонискиот регион за таков ловен туризам е мошне атрактивен, вели Стевананџија