Чаир ќе троши илјадници евра за ексклузивни пенкала и јакни


Набавка и печатење на ексклузивни пенкала, слушалки за мобилен, торба за велосипед, пролетни јакни, се само дел од огласот за набавка што вчера го распиша Општина Чаир со проценка дека за тоа ќе треба да плати нешто повеќе од 70.000 евра без ДДВ. За каква цел и за кого ќе бидат наменети производите, вчера не успеавме да дознаеме од градоначалникот Висар Ганиу бидејќи не одговараше на телефонските повици.

Во огласот е наведено дека станува збор за набавка и печатење на рекламен и промотивен материјал. Меѓу останатото се бараат спортско ранче во четири бои, кожни приврзоци, касичка за пари, се бара набавка и печатење на приврзок со клуч со светилка,  УСБ-ЛЕД светилка, капи, маици, спортски ранчиња во четири бои…

Инаку, неодамна, градоначалникот Ганиу во знак на домаќинско работење се откажа од купување службен автомобил, иако истовремено неколку негови колеги распишаа оглас за нови и скапи службени возила. На официјалниот општински сајт информираше дека за извршување на секојдневните задачи ќе продолжи да го употребува сопствениот автомобил.

„На состанок го повикав мојот тим за расправата околу повлекувањето на 30. точка од дневниот ред од седницата на Советот на Општина која се однесува за набавка на патничко моторно возило за потребите на градоначалникот на Општина Чаир. По консултација со мојот тим донесов одлука средствата за набавка на патничко возило за потребите на градоначалникот да се пренаменат за третман на децата со посебни потреби, за изградба на катче за игротека за деца, како и нивното одржување, но исто така и за поддршка на хуманитарни организации“, извести Ганиу. (Д.Т.Д.)