Црна Гора бара над 20.000 работници од странство


Квотата за привремен престој и работа на странци во Црна Гора за 2019 година, со одлука на црногорската Влада, е утврдена на 20.454 дозволи, што е за 2.371 помалку од минатата година.

Како што е предвидено, 5.000 дозволи се во резерва кај Министерството за труд за дополнително распоредување, во текот на годината, во согласност со потребите на пазарот на трудот.

За вработување на странци, утврдени се 11.902 дозволи, а за сезонско вработување 3.552. За градежништво, туризам, угостителство и трговија се предвидени 15.454 дозволи за странски работници.

Речиси 5.000 дозволи се наменети за хигиеничари, помошен персонал во домаќинствата, хотелите и деловните простории и за помошници во подготовка на храна. За занаетчии и сродни занимања се предвидени 5.408 работни дозволи, а 2.068 за работници во секторот на услуги и трговија.

Квотата за 2018 година беше 23.185 дозволи. Во периодот од 1 јануари до 10 декември 2018 година биле издадени 24.598 работни дозволи за работа и вработување на странци во Црна Гора, што е за 21,1 отсто повеќе во однос на истиот период од претходната година, кога биле издадени 20.317 работни дозволи.

Вработување на странци во Црна Гора во 2017 и 2018 година покажува дека не е доволно искористен потенцијалот на домашната работна сила.