ЦО на СДСМ му дава поддршка на Заев да носи одлуки за спорот со името


Централниот одбор на СДСМ му даде целосна поддршка на претседателот Заев да ги продолжи разговорите и да носи одлуки во врска со спорот за името.

Од партијата соопштија на последната седница на ЦО, се разговарало за актуелната политичка состојба во земјава, за разговорите околу проблемот што Грција го има со нашето уставно име, спроведувањето на реформите и мерките од програмата, за внатрепартиските активности како и за одредени кадровски прашања.

Во своето обраќање пред членовите на ЦО, претседателот Заев истакна дека Македонија никогаш не била поблиску до изнаоѓање на достоинствено решение на спорот со Република Грција коешто истовремено ќе го зачува и зајакне нашиот идентитет.

– Преговорите со Владата на Република Грција продолжуваат. Никогаш досега не сме биле толку блиску до решение, но и никогаш претходно немало толку големо пријателство меѓу Македонија и Грција од ова денес. Очекувам тоа да придонесе да дојдеме до решение кое не само што нема да го загрози, туку дополнително ќе го зајакне нашиот идентитет. Постои можност за решение кое граѓаните треба да го потврдат на референдум. Граѓаните очекуваат лидерство и затоа сме подготвени да водиме, да ги охрабриме граѓаните да дадат поддршка. Затоа вечерва ја очекувам и поддршката од Централниот одбор. Со решението добиваме покана за членство во НАТО и се отвора можност за почеток на преговори за полноправно членство во ЕУ. Со тоа ќе се осигура нашата, но и индината на идните генерации. Тоа значи сигурност но и повеќе инвестиции, стабилност но и забрзан развој, економски силна Македонија, рекол Заев.

Централниот одбор едногласно донел заклучок со кој му пренесува целосно право на Заев, да носи одлуки во врска со проблемот што Грција го има со нашето уставно име.