Ципрас: 2019 ќе биде година на надеж и преродба на Грција


Ова е прва Нова година кога можеме да кажеме дека жртвите и битките на грчкиот народ се исплатеа, истакна премиерот на Грција, Алексис Ципрас во новогодишната порака до граѓаните, нагласувајќи дека земјата, првпат по осум години е надвор од „задушувачкиот прстен на меморандумите”, јави дописничката на МИА од Атина.

Ципрас говореше за иднината на Грција, за 2019-та како година на надеж и оптимизам, но и година на преродба на земјата.

– 2019 е прва година на здив и слобода по толку години, одново ја добиваме битката со вработувањата. И продолжуваме да се движиме уште побрзо за дополнително намалување на невработеноста. Веќе ја добивме битката за враќање во нормала со 350.000 нови работни места до денес, но нашата цел останува да ја добиеме војната. Да се спречи заминувањето во странство на нашите млади, способни и креативни луѓе. Нашата татковина одново да стане нивна татковина, а не маќеа за нашите деца, рече Ципрас во новогодишното обраќање.

Тој укажа дека периодот на мерки за штедење заврши и потсети на дел од најавените владини позитивни мерки, како што се враќање на колективните договори и зголемување на најниската плата.