Ципрас ја отфрли можноста за предвремени избори во Грција


Грчкиот премиер Алексис Ципрас денеска ја исклучи можноста за одржување предвремени парламентарни избори по оставката на министерот за надворешни работи Никос Коѕијас, истакнувајќи дека неговата Влада се уште има поддршка од мнозинството пратеници.

Ципрас во Брисел нагласи дека ќе го преземе ресорот надворешни работи се додека успешно не заврши процесот за промена на името на Македонија.

Според него, Владата се уште има целосна и апсолутна поддршка на мнозинството во Парламентот.

Неговата Влада ја поддржуваат 153 од 300 пратеници во Парламентот, вклучувајќи ја и малата десничарска партија Независни Грци, предводена од министерот за одбрана Панос Каменос.

Инаку, Коѕијас поднесе оставка по жестока кавга со Каменос поради Преспанскиот договор. Ципрас, кој рече дека и натаму ќе се советува со Коѕијас, утре официјално ќе ја преземе и функцијата шеф на дипломатијата.